Претседателот на Македонската Кошаркарска Федереација Петар Наумоски закажа Вонредно Собрание на 15 декември откако ја отфрли иницијативата од минатата недела на 12 клубови како невалидна. Овој предлог на првиот човек на МКФ, Управниот одбор го прифати на денешната седница со цел да се добие на време без да се чека нова иницијатива и ново собирање потписи, јавува „Телма“.

Иницијативата била проследена до Агенцијата за Млади и спорт од каде бил добиен одговор дека три членки од иницијаторите немаат решение за вршење дејност спорт (Охрид, Радовиш и Кожувчанка). Другите 10 потписи не се доволни за Вонредно Собрание бидејќи не се една третина од членовите на Федерацијата.

По утврдувањето на терминот за Вонредно Собрание, Наумоски посочил дека првенството мора да почне претстојниот викенд со образложение дека кошарката не смее да трпи и мора да се игра.

Што се однесува до рокот за плаќање на лиценците за странските кошаркари за кои дојде и до ова недоразбирање на релација МКФ – клубови е поместен за следниот петок.

На седницата на УО под точката разно, Наумоски истакна дека МКФ неодамна добила ново писмо од ФИБА, со кое уште еднаш се предупредува дека мора да ги санкционира екипите што учествуваат во натпреварувања непризнаени од светската куќа на кошарката, во спротивно ќе дојде до суспензија на сениорската репрезентација на Македонија.

„Ставот на ФИБА е таков, краен рок за одлуката е 25 ноември. МЗТ Скопје ќе треба да се тргне од проблематичното натпреварување или ќе мора да биде казнет“, истакна Наумоски.

На ова реагирал претставникот на МЗТ Скопје Видое Секуловски дека МКФ не сторила доволно за македонскиот првак да добие директно место во Лигата на шампионите на ФИБА, поради што клубот ја прифатиле втората опција – учество во Еврокупот.

– Од страна на Камил Новак добивме одговор дека МЗТ Скопје нема рејтинг и репутација за да добие директно место. Мега Лекс е финалист во АБА лигата, додека сите добро знаеме што значи Партизан. Жал ми е за таквото образложение, но тоа е реалноста, заврши Наумоски.

Спорот меѓу ФИБА и челниците на Евролигата се наоѓа пред Европската комисија, двете страни се договорија да се почека уште неколку дена пред крајниот рок, за да се донесе конечната одлука. Наумоски јасно стави до знаење дека е подготвен да го казни актуелниот првак доколку тоа се побара од него, се со цел да се избегне суспензија врз федерацијата и сениорската репрезентација. 

OhridNews
извор: „Телма“