Екологисти, љубители на природата, стручни лица и граѓани присуствуваа на промоцијата на книгата „Битка за спас на охридската ендемична пастрмка од нејзино истребување“ од Лазо Наумоски, дипломиран инженер агроном и независен екологист.

Во книгата која има пет поглавја, акцентот е ставен на состојбата со рибниот фонд на пастрмка во Охридското Езеро и причините за уништувањето на овој ендемичен вид риба.

-Примената на висечките мрежи во осумдесетите години од страна на тогашното рибно стопанство АД „Охридска пастрмка“ е најголемата грешка, бидејќи со нив неконтролирано се изловуваа големите единки пастрмка и тоа до седум тони дневно. Се излови риба за стотици години во само неколку години и затоа денеска пастрмката е загрозен вид, на кој доколку не го заштитиме му се заканува целосно исчезнување.-рече авторот Наумоски.

Според него потребен е сосема нов пристак во заштитата на пастрмката, како и во начинот на нејзино одгледување за мрест и во комерцијални цели. Во книгата Наумоски предлага Охридското Езеро да се користи како одгледувалиште на пастрмка која би се ловела само во спортски и туристички цели.

Рецензент на книгата е научниот работник од Хидробиолошкиот завод д-р Орхидеја Тасевска. Таа истакна дека оваа книга ќе остане како сведоштво за една искрена борба за спас на еден ендемичен вид од Охридското Езеро.

-Книгата е збир на сите негови обраќања, односно реакции до надлежните институции во правец на заштита на охридската пастрмка, езерото и природата во целост. Авторот целиот свој работен век го посветил на заштитата на животната средина и како вработен во Хидробиолошкиот завод и како екологист и се обидува сите свои знаења да ги сподели со нас. – рече Тасевска.

Книгата на Лазо Наумоски од денеска е достапна за пошироката јавност.

Г.М.