Екологистот од друштвото „Грашница“ , Лазо Наумоски е задоволен од потегот на Владата да го пролонгира конкурсот за издавање под концесија на Охридското Езеро.

Премиерот повлече добар потег и мислам дека правдата конечно ќе биде задоволена, вели Наумоски кој долги години се бори против истребувањето на ендемичниот вид пастрмка во Охридското Езеро.

Еколозите од „Грашница“ ќе го започнат проектот „Заштита на охридската пастрмка од нејзино истребување“,  финасиран преку пристапните фондови на Европската Унија.

Планирано е да се формира мешовито билатерално претпријатие помеѓу Македонија и Албанија кое ќе ги согледува и ќе ги решава проблемите сврзани со опстанокот на пастрмката.

Залудно е, вели Наумоски, да  се бориме да ја заштитиме пастрмката на македонска страна, ако тоа не се прави и во Република Албанија.

Ние од ова еколошко друштво уште во 2001 година укажувавме на последиците. Се уште стоиме на ставот, да се забрани уловот на охридската пастрмка во период од 10 години, зашто  толку време е неопходно за да се обнови рибниот фонд, вели Наумоски и додава дека спортскиот и рекреативниот риболов не треба да се забрануваaт.

Тој предлага, рибократците  да се вработат за да не продолжат со истребување на рибниот фонд, а хотелиерите да се снабдуваат со риба од приватни рибници.Хидробиолошкиот завод  ќе одгледува подмладок и ќе порибува, а без надоместок ќе им дава подмладок и на граѓаните, предлага Наумоски.

А.Р.