Големите и лутите ривали Струга и Охрид со спектакуларно „Езерско“ дерби означија почеток на ракометните збиднуваа оваа пролет во Македонија. Победата им припадна на стружани (29-25) кои заслужија чиста десетка за организацијата.
- Дербито во целост ги оправда очекувањата. Мене многу ми е мило што средбата помина во фер и коректна игра на теренот и атмосфера на трибините. Максимално се потрудивме да обезбедиме услови за добар натпревар и мислам дека се покажавме добри домаќини. – изјави првиот човек на Струга, Наумче Мојсоски.
Екипата на Струга со победата во дербито го оддалечи Охрид од плејофот. „Гладијаторите“ во следните три натпревари треба да забележат исто толку победи, а силите ќе ги одмерат со Прилеп, Еурофарм Работник и Пелистер.
- Сакам Охрид да се пласира во плејофот. Не само што сакам, туку и заслужува. Шансите уште постојат и треба да играат до крај. Во Струга (ќе) нема попуст за никого. Ние секогаш ќе одиме на победа без разлика со кој противник играме на домашен терен. – додаде Мојсоски.
Претседателот на Струга место не го држеше и дерби пресметката со Охрид ја проследи шетајќи покрај аут линијата, место на трибините.
- Многу ми беше тешко. Место не ме држеше. Не сакав да манифестирам ништо, бидејќи знам дека ќе делувам на играчите. Кога си на теренот ништо не слушаш и се фокусираш само на натпреварот, а вака кога си помеѓу публиката те носи атмосферата и не можиш мирен да останиш. – заврши Мојсоски.
Ако Охрид не успее да обезбеди пласман во плејофот, гледачите ќе имаат можност да уживаат во нови две пресметки помеѓу „езерските“ ривали кои дефинитивно го одбележаа регуларниот дел од Супер лигата.
OhridNews