Се зголемува бројот на претенденти за градоначалничката функција во Охрид од редовите на владеачката партија. Иако подолг период не е политички активен, утре, на прес конференција, својата кандидатура за градоначалник ќе ја објави поранешниот претседател на општинската организација на СДСМ Охрид, Наум Јованоски-Чакар.

  • Како поранешен претседател на Општинската организација на СДСМ, во чиј мандат (2009 – 2013 година), остваривме една од, не многу честите победи, со видна надмоќ над соперничката ВМРО ДПМНЕ, изразена во разлика од 500 гласови во полза на СДСМ, се сметам за способен и одговорен пред партијата, во прилог на задржувањето на градоначалничкото место и идниот развој на Охрид.   Дополнителен мотив да се кандидирам за одговорната функција е фактот што, во делот на организациската и теренска активност, имам одлично претходно искуство, добар тим кој ќе застане зад мене – заеднички да ја одработиме задачата, доколку за тоа добиеме поддршка од нашата матична партија – СДСМ, вели Јованоски. Тој додава дека дополнителен мотив за да се вклучи во трката за градоначалничката функција е блискоста и вербата во актуелното раководство на СДСМ, односно Владата на Република Македонија, со чии политики, во целост се согласува, ги поддржува и ќе се залага за нивна реализација и афирмација.

Непосредно пред распишувањето на локалните избори во јавноста веќе се спомнуваат неколку имиња како најсериозни кандидати за градоначалник од редовите на владејачката СДСМ. Меѓу нив се актуелниот вршител на должност градоначалник Константин Георгиески, претседателот на охридскиот огранок на партијата Лазе Танески, и на претседателката на градскиот совет Живка Ангелоска.

OhridNews