Наградата за спортски работник за годината што измина му припадна на Наум Јанкуловски кој повеќе од успешно три сезони ја организира Детската фудбалска лига во југо-западниот регион од Македонија. Координаторот на фудбалска лига смета дека проектот немаше да биде успешен без поддршката од клубовите, тренерите, родителите на дечињата кои учествуваат во неа и помошта од Фудбалската федерација на Македонија.


– Оваа награда е само една потврда на еден мошне успешен проект каков што е Детската фудбалска лига. Предизвикот да се работи на еден ваков благороден проект безрезервно го прифативме со колегата Александар Трајков со искрена и единствена желба да дадеме придонес кон збогатување на спортскиот и фудбалскиот живот во Охрид и да им се исполни желбата на младите да се занимаваат со спорт и за фудбалско натпреварување во еден организиран систем. Започнавме скромно организирајќи турнирски систем на натпревари со сите фудбалски школи од Охрид, Струга и Дебар, за денес сите заеднички да бидеме дел од најмасовниот спортски настан што се организира во Југо-западниот регион. Поддршката од ФФМ стануваше се поголема со секоја измината сезона, па така, денес имаме официјално спортско натпреварување под капата на федерација која воедно ги помага сите екипи што се дел од овој голем проект со спортска опрема. – рече Јанкуловски во интервјуто за Ohridnews.


Натпреварите од Детската фудбалска лига за дечињата значат живот, за тренерите битка на стратегии и филозофии, а за родителите можност да ги гледаат своите дечиња во живо против разни противници.

– За илустрација, во текот на минатата календарска година се изиграа околу 500 фудбалски натпревари во рамките на лигата на кои учествуваа над 500 регистрирани млади фудбалери од нашиот регион, кој се натпреваруваат во 6 возрасни категории. Со самото тоа што победниците во возрасните категории, имаат право да настапат на завршниот турнир во Скопје, каде се борат за насловот шампиони на Македонија, дава посебен мотив и желба за што поуспешно претставување, а самото тоа допринесува да сме сведоци на еден фудбалски фестиал секој викенд во период од март до јуни, и септември до ноември. Ваквата заинтересираност ја забележа Општина Охрид и ЈП Билјанини извори кои дадоа голема подршка во организирањето на оваа спортска манифестација, кои секогаш излегуваа во пресрет на охридските екипи кои ги организираа домаќинствата, или при организирањето на овие завршни турнир. Чувствувам обврска да им се заблагодарам и на сите екипи што се дел од овој убав спортски проект и на крај, сакам да ја посветам оваа награда на сите млади фудбалери од нашиот регион што се натпреваруваат во ФФМ Детската лига. Оваа награда е само поттик за уште попосветена работа. – додаде добитникот на наградата.


Покрај ангажманот како координатор во Детската фудбалска лига Јанкуловски активно работи во сопствената фудбалска школа ФК Охрид Топ Тим која функционира речиси две години.

– Фудбалскиот клуб Охрид Топ Тим го формиравме во јуни 2014 год. Целта беше да се даде скромен придонес во фудбалската понуда во Охрид. После 1 година и пол можеме да се пофалиме дека успеавме да анимираме околу 70 деца на возраст од 6 до 13 години, што ни дава за право да се осеќаме задоволни, затоа што родителите на овие деца ни доверија доверба нивните деца да бидат фудбалски образовани од страна на нашиот стручен тим. Активно учествуваме во ФФМ Детската фудбалска лига – Југозападен регион со 6 екипи, каде резултатите ни се во втор план! Најважно во овие категории е пред се да ги натераме децата да го засакаат фудбалот, да ги натераме да спортуваат и да ги тргнеме подалеку од сите кои пороци кои демнеат над младите деца. Со задоволство можам да потенцирам дека за кратот период на постоење за прв пат успеавме да организираме Детски фудбалски турнир „Трофеј Охрид Топ Тим“ каде имаше екипи од рангот на ФК Работнички, ФК Борец, ФК ЊУ Старс, ФК ЛГ Битола, каде што настапија преку 200 деца. Учесници сме на неколку турнири во Македонија и странство, каде имаме освоено неколку сребрени одличја. Сето ова беше доволно добара причина неколку спонзори да го забележат нашето успешно работење кои донираа спортска опрема, дресови и мајци за сите наши дечиња. Морам да се заблагодарам и на Општина Охрид и Јавното претпријатие Билјанини Извори, кои несебично го помогнаа работењето на ФК Охрид Топ Тим, со доделување на субвенции за користење на спортските објекти – фудбалски терен и спротската сала. Според погоре наведеното можам да искажам задоволство, но истовремено можам да им ветам на сите деца и нивните родители, дека во 2016 имаме уште поголема обврска да работиме транспарентно, посветено, одговорно. Затоа што „Успехот не доаѓа случајно. Треба напорна работа, истрајност, учење, жртвување и најмногу од се’, љубов кон она што се работи и што се учи“ – Едисон Арантес до Насименто – ПЕЛЕ (најдобриот фудбалер на сите времиња). – заврши Јанкуловски. 

Михаил Постоловски