Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, потпишаа Меморандум за соработка со кој треба да се придонесе во развојот на туризмот во Република Македонија.


– Целта е да се инволвираат сите значајни чинители кои можат да придонесат за развојот на оваа  гранка, изјави директорот на Агенцијата за промоција и развој на туризмот, Зоран Стрезоски. Тој најави дека соработката со ФТУ Охрид ќе биде преточена во изработка на конкретни проекти кои ќе дадат придонес во креирање на нови регионални туристички пакети и нивна промоција во странство.


Целта е, додаде Стрезоски, најстарата образовна институција од областа на туризмот, ФТУ Охрид, да биде вклучена во едуцирање на туристичките работници кои немаат соодветно образование и да им се помогне на луѓето кои инвестирале во туризмот, а кои не знаат како понатаму. За таа цел ќе се организираат семинари и трибини во повеќе градови, информираше Стрезоски.


 Според деканот на ФТУ Охрид, Софроние Миладиноски, потпишаниот меморандум претставува прв чекор во приближувањето на науката и праксата.

– Време е за преструктуирање на туристичката политиката. ФТУ Охрид кој има 40 години искуство не може да прави промотивни активности како приватните факултети, но со нашите кадри и знаење може да постигнеме поголеми резултати на планот на креирање на политиките во областа на туризмот, истакна Миладиноски.

Ohridnews