Научниците тврдат дека конечно ја решиле мистеријата на таканаречениот Бермудски триаголник, пренесува „Макфакс“.

Овие 500.000 квадратни километри кои се протегаат на северот на Атланскиот океан се прогласувани за виновни за исчезнување на најмалку 75 авиони и повеќе од стотина бродови низ вековите. Научниците сега тврдат дека зад „смртоносниот триаголник“ всушност стојат хексагонални облаци кои формираат ветровити воздушни бомби кои се движат со брзина од дури 273 километри на час, пишува Мирор.

Овие смртоносни експлозии во воздухот можат да ги превртат бродовите и да ги соборат авионите во океанот, тврдат научниците.

Тие исто така тврдат дека масивните облаци се појавуваат над западниот рт на островот Бермуда во распон од 30 до 90 километри.

Сателитскиот метеоролог Стив Милер од Универзитетот Колорадо за Science Channel рече дека рамните рабови кај облаците инаку не се типични, туку облаците вообичаено се развлечени.

Со помош на радарски сателити за проучување на појавите под облаците било утврдено дека ветриштата во ниво на морето достигале брзина од 273 километри на час. Овие ветрови биле доволно силни да подигнат бранови високи 13 метри, додека воздушните бомби паѓаат врз површината на океанот.

„Овие типови на хексагонски облаци над океанот се всушност воздушни бомби. Формирани се од микроексплозија и тие се групи воздух што излегуваат од дното на облакот и удираат во океанот, создавајќи бранови кои понекогаш можат да бидат огромни и меѓусебно да се судираат“, тврди метеорологот Ренди Сервени.

Бермудскиот триаголник се наоѓа источно кај Бахамите и западно од островот Бермуда, на северот на Атлантскиот океан.

Најстарите извештаи потекнуваат од 1492 година, кога Кристофер Колумбо информирал за чудни светла и активности на компасот во тоа подрачје.

Првото забележано потонување на брод датира од 1609 година, кога англискиот брод “The Sea Venture” бил уништен на источниот крај на островот Бермуда, по што преживеаните го населиле овој остров како први луѓе на него.

Една од морничавите приказни е онаа за патувањето на бродот “Ellen Austin” од 1881 година, кога екипажот наводно налетал на друг брод, на кој немало никој. Решиле да преместат дел од својот екипаж на овој брод и да ги донесат обата брода до Њујорк, но бродот ненадејно исчезнал. Потоа повторно се појавил без никој на него, па пак исчезнал.

Исчезнувањето на “USS Cyclops” и неговите 309 членови на екипажот исто е припишан на делувањето на Бермудскиот триаголник.

Еден од најпознатите исчезнувања е она кога пет борбени авиони загубиле контакт со авионот во кој се наоѓале кадетите на американската морнарица. Сите 14 војници исчезнале, како и 13 членови на екипажот на авионот што тргнал да ги бара.

Во 1991 година пилотот Груман Кругар се јавил во контролата на летање и барал дозвола да ја зголеми висината. Додека ја зголемувал висината, исчезнал од радарот.

Последна забележана трагедија беше исчезнувањето на товарниот брод “El Faro” во 2015 година, на кој се наоѓаа 33 членови на екипажот. Бродот го зафатил ураган во близина на јужниот брег на Бахамите минатиот декември.

OhridNews