Американските научници се на добар пат да развијат таблета што ќе ги замени телесните вежби, што би можело да ги промени животите на оние што не можат да вежбаат заради екстремна дебелина или физички хендикеп, пренесува „Макфакс“.

Надежите за развој на таквата таблета пораснаа оваа недела, откако научниците на институтот Салков во Сан Диего ги соопштија резултатите од повеќемесечните тестирања врз глувци.

Благодарејќи на таблетата, глувците успеале 270 минути да трчаат на минијатурна подвижна трака пред да го достигнат својот физички лимит. Пред таблетата можеле да трчаат само 160 минути.

Освен тоа што им се засилила издржливоста за 70 отсто, на глувците за осум недели им се намалила телесната тежина, како и нивото на шеќер во крвта.

Научниците предводени од Роналд Еванс, утврдиле дека таблетата наречена GW1516 ги менува активностите на речиси илјада гени. Истовремено го забрзува согорувањето на мастите и го забавува процесот на претворање на шеќерите во енергија.

OhridNews