Членови на научна експедиција наскоро ќе заминат на Монт Еверест за да измерат дали „Покривот на светот“ се смалил по разорниот потрес кој пред две години го погоди Непал, jaвува „Макфакс“.
Сателитските снимки упатуваат на тоа дека земјотресот со магнитуда од 7,8 степени по Рихтер кој го погоди Непал во 2015 година ја смалил височината на највисокиот врв на светот за неколку милиметри или за неколку сантиметри, меѓутоа оваа претпоставка која кружи во научните кругови до денес не е научно испитана.
„Од разорниот земјотрес во Непал минаа две години и научната заедница оправдано се сомнева дека Еверест навистина се смалил“, изјавил за агенцијата PTI, Сварна Суба Рао, индиски геодет, додавајќи дека тој и неговите колеги повторно ќе го мерат врвот.
Кон крајот на зимата петчлена експедиција ќе тргне кон врвот Монт Еверест и со специјални инструменти ќе ги изврши неопходните мерења за да се утврди неговата сегашна вистинска височина. Рао потсети дека по години полемики сеашната официјална височина на Монт Еверест е 8.848 метри.
Мерењата ќе траат околу еден месец на самото место, а потоа ќе следуваат две седмици на проучување на собраните податоци. Потоа ќе бидат објавени податоците од овие мерења.
Разорниот земјотрес кој во 2015 година го погоди Непал и во кој смртно настрадаа околу 9.000 луѓе, а со земја беа срамнети половина милион домови, ја снижи надморската височина на главниот град Катманду за неколку метри.
Непрофитниот конзорциум за геофизички истражувања UNAVCO уште пред две години објави дека еден од најсилните земјотреси кои ја погодиле хималајската држава Непал во последните 80 години, од 25-ти април 2015 година, предизвикал намалување на највисокиот врв во светот Монт Еверест.
Научниците од UNAVCO тврдат дека по природната катаклизма височината на највисоката планина на светот се намалила за еден инч, односно 2,5 сантиметар. Своите индикации научниците ги темелат на податоците добиени од сателитот „Sentinel-1A“ на Европската вселенска агенција (ESA), кои ги регистрирал на 29-ти април 2015-та.
„По поместувањето на тектонските плочи на Индија и Евроазија, предизвикано од земјотресот, се појавил расед на земјината кора. Тоа предизвика незначително намалување на височината на Монт Еверст“, беше наведено во извештајот на научниците од UNAVCO.
Професорот Роџер Билхам од Заедничкиот институт за истражувања во областа на животната средина оцени ѕогаш дека намалувањето на височината на врвот на Еверест, според него, може да изнесува милиметар или два. Од друга страна, пак, планинскиот масив Анапурна, исто така, на Хималаи, според научникот „пораснал“ за околу 20 сантиметри. „Тоа е како да собирате ластик, тој ќе се набере. Кога ќе го отпуштите, тој ќе се врати во првобитниот облик“, направи споредба Билхам со текот на процесите во планинскиот масив по земјотрес