Пред стручната јавност, надлежните институции и претставници од локалната самоуправа и јавните претпријатија, денес, беше презентиран нацрт финалниот извештај за состојбата во која се наоѓа колекторскиот систем, како и мерките кои се предлагаат за негова реконструкција. Нацрт извештајот го изработија јапонски експертски тимови, како и стручни лица од локалната самоуправа и јавните претпријатија Проаква и Нискоградба и министерството за екологија.

Владата на РМ од јапонската агенција за меѓународна соработка успеа да издејствува неповратни финансиски средства за изработка на студија за заштита на колекторскиот систем од страна на јапонски консултантски и експертски тимови кои денес се тука и ќе имаат презентација и дискусија со сите надлежни кои се на јавната презентација. Подготовката на студијата започна со едно подготвително истражување и оваа студија се одвиваше во две фази- првата имаше за цел да се потврди состојбата на системот и да се направи преглед на мерки за заштита, а втората фаза опфаќаше изработка на физибилити студија за проекти кои ќе произлезат од наодите од првата фаза, информира градоначалникот Никола Бакрачески.

Она што покажале и извршените испитувања е дека колекторскиот систем кој е изграден пред неколку децении е деградиран, оштетен и итно е потребна негова надоградба, реконструкција и ревитализација.

Во изминатите месеци експертите утврдија дека најголемиот проблем на колекторскиот систем е неидентификуваната инфилтрација на вода во ситемот кој што предизвикува негово накнадно оптеретување, што како последица има излевање на нетретирани води во Охридското Езеро што е сериозен проблем, потенцира градоначалникот.

Бакрачески потенцира дека за локалната самоуправа и владата, реконструкцијата на колекторскиот систем е приоритетен проект, кој се однесува на заштитата на животаната средина и Охридското Езеро.

Т.К.