ЈНУ Национален пат „Галичица“писмено се обратила до Републичкиот фонд за патишта со барање од оваа година планинскиот пат кој води до зимско рекреативниот центар Галичица да се одржува од двете страни на националниот парк. Во моментов овој патен правец е затворен и не се одржува бидејќи го нема во годишната програма за одржување на патишта.

Како што ни изјави директорот на НП „ Галичица“ Зоран Ангелоски, јавната национална установа побарала од Фондот за патишта патниот правец на Галичица во иднина наместо сегашната 4-та категорија, да се смета за пат од 2-ра категорија и да биде ставен на листата за одржување.


Националниот парк доби подршка од Министерството за животна средина

За ова, како и за другите проектни активности станало збор на средбата со државниот секретар на  министерството за животна средина, Дејан Паноски.

По средбата Паноски истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање финансиски ќе ги подржи проектите на ЈНУ Национален парк Галичица за поголема туристичка промоција на ова ретко природно богатство. „Би сакале повеќе да инвестираме во Националните паркови кои се наше големо природно богатство, да станат дел од туристичката понуда, секако притоа внимавајќи на заштитата на животната средина“, рече Паноски.

Паноски соопшти дека висината на финансиските средства кои евентуално ќе бидат одобрени ќе зависи од понудените проекти. Во тој контекст директорот на НП, Зоран Ангелоски,  информираше дека експертските тимови на ЈНУ „Галичица“ работат на реализаиција на повеќе проекти за туристичка промоција. Се работи на изработка на комплетна инфраструктурна карта на  Галичица која вклучува дефинирање и изградба на  излетнички места и рекреативни патеки за што се реализирани и повеќе контакти со локално население, информираше Ангелоски.

Г. Момироски
фото: В. Бујароски