Ракометниот клуб Вардар утре (четврток) на домашен терен во Лигата на Шампиони ќе ги одмери силите со германски Фленсбург. За „вардарци“ ова ќе биде прв официјален натпревар после еден месец, откако одложени беа мечевите со Елверум и Пик Сегед.

Ракометарите на Фленсбург во пресрет на дуелот во Скопје имаат три победи во исто толку натпревари, додека „црвено црните“ во единствениот меч кој го одиграа претрпеа пораз од Мешков Брест.

Натпреварот со Фленсбург е прв домашен натпревар за нас и ќе се обидеме да излеземе како победници. Нашиот ривал има мала предност бидејќи е во полн натпреварувачки ритам. Ние немаме официјален натпревар одиграно еден месец и се надевам дека нема да се осети на теренот. Одигравме два контролни мечеви, но натпреварите од ЛШ со ништо не можат да се заменат. Низ анализа добро го простудиравме Фленсбург и само со борбена игра можеме да стигнеме до позитивен резултат. – изјави тренерот на Вардар, Стефче Алушовски.

Натпреварот се игра во „Јане Сандански“ со почеток во 20:45 часот. Директен пренос ќе има на спортскиот канал Арена 2.

 

OhridNews