Во спортската сала на економското училиште “Св.Кирил и Методиј”, денеска се одржа натпревар по претприемништво помеѓу средношколците од Охрид и Струга. Четирите натпреварувачки тима од гимназијата “Св.Климент Охридски”, СОУ “Нико Нестор”, домаќинот “Св.Кирил и Методиј”, како и угостителското училиште “Ванчо Питошески”, пред присутните гости и изборната комисија сочинета од бизнисмени, ги презентираа своите бизнис идеи и концепти за општествено одговорно работење во сферата на туризмот.

Нивните бизнис солуции и иновативни решенија, побудија голем интерес кај присутните. Од виртуелниот хотел, туристичка агенција, ресторан и кафе бар потекнаа бројни предлози како да се заштеди водата и електричната енергија во работењето, начини на рециклажа на отпадот, модуси како преку вложување во персоналот индиректно да се дојде до поголем профит.

Изборната комисија имаше тешка работа, за на крај за победник на натпреварот да го прогласи тимот на охридската гимназија “Св.Климент Охридски” од Охрид. Тимот го сочинуваа ученици од четврта година, во состав: Климентина Коваческа, Ана Томевска, Мартин Колоски и Илија Левески, кои имаа прилика теоретското знаење од предметот Бизнис, да го искористат на нов начин, во улога на хотелски менаџери.

 

Натпреварот е дел од проектот кој го спроведува Локална агенција за развој од Струга, во соработка со училиштата, локалните компании, туристичките субјекти и пошироката заедница, со цел за зајакнување на претприемничкиот дух и општествената одговорност.

OhridNews