Македонија и дефинитивно не доби покана за НАТО. Лидерите на НАТО под силен грчки притисок одлучија да не ја поканат Македонија. Две од трите земји од Јадранската група, Албанија и Хрватска добија покана, додека поради проблемот со името наметнат од Грција, Македонија ќе мора да чека друга прилика. Ставот на алијансата на прес конференција во Букурешт го соопшти лично генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер. Тој рече дека вратите за прием на Македонија во НАТО се отворени но претходно треба да се изнајде решение за спорот со името. Веднаш по соопштувањето на веста дека Македонија не доби покана за НАТО поради грчкото вето, македонските новинари демонстративно ја напуштија прес конференцијата на генералниот секретар на НАТО.

Во моментов во Букурешт се одржува средба помеѓу претседателот на САД, Џорџ Буш со претседателот на Македонија Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски.

Како што веќе информиравме, грчкиот премиер, Костас Караманлис,  пренесувајќи ја позицијата на својата земја во врска со проширувањето на алијансата истакна  дека не се согласува со поканата за прием на Македонија во НАТО доколку „прашањето за името“  прво не биде решено.

Франција, Италија, Шпанија, Исланд и Луксембург изразија подршка на Грција. Најсилна подршка Грција доби од францускиот претседател Никола Саркози кој во своето обраќање рекол дека е солидарен со Грците и оти верува дека треба да биде најдено решение. „Имам унгарски корени, но исто така имам и грчки корени и целосно ги почитувам“, рекол Саркози.

Разбирање за грчките позиции искажале Унгарија, Словачка, Белгија, Холандија и Германија. Против ставовите на Грција застанаа Турција, Словенија, Чешка, Естонија и Литванија кои изразија безусловна поддршка за поканата за Македонија. Данска, Бугарија и Норвешка, иако во иста насока, беа поумерени, додека  Канада, Велика Британија и Португалија не зазедоа никакви позиции.

Г. Момироски