Осврт на Славе Ѓорго Димоски
На 16 април НАТГ „Аматер“ од Охрид на малата сцена при НУ „Григор Прличев“пред своите сограѓани ја изведе драмата „Генетика на кучињата“ од Венко Андоновски. Ја изведе и публиката ја остави без збор. Актерите-аматери одиграа жестоко, самоуверено, прецизно и јасно – онака како што бара сложениот текст на Андоновски.
Од Крлежа Андоновски ја презема глембаевштината како одредена општествена состојба и врз неа ги гради современите актуелни празни пространства во душите и умовите на новите, овој пат Глемба(ј)евски, претставници кои дејствуваат во новонастанитите општествено-политички ситуации на брзи транзициски промени и директно од улица ја наметнуваат како новата општествена вредност: брзо материјално богатење и уште побрзо душевно/духовно опустошување, отсуство на љубов од секаков вид, крајна отуѓеност и крволочно настрвена алчност. Додека трае претставата во воздухот се чувствува примамливото ѕвечкање на монетите кои ѓаволски дејствува врз расположението на новите мутирани генерации кои живеат само за „некаде“ затворениот сјај на парите. Сеприсутен е глембаевскиот (само)убиствен нагон сокриен и во најмалата клетка на мозокот. Говорот е жесток, предупредувачки, владее негативното расположение; валканите животи и болните сознанија за изгубените и промашени вредности на животот(тите) се одразени во карактерите на ликовите и нивните несфатливи и искривоколчени алчни логики.
Младата актерската екипа со распламтен жар и голема посветеност по пат на интензивна психологизација гротесткно-црниот хумор на Венко Андоновски на публиката им ги посочи сложените духови на новото време. Томе Укоски како Игнат Глмебај и Јован Цветкоски како Леоне Глембај (ликовите се преземени од Крлежиното класично дело) го претставуваат драмскиот ’рбет преку кој искривеното огледало на животната илузија одблеснува со понорен сјај во која се изгубени сите битни човечки својства. Низ вителот на психолошките перипетии Укоски моќно го гради ликот на Игњат, неговиот уверлив став на новокомпониран богаташ, фатен во стапицата сам што си ја поставил; Цветкоски како Леоне Глембај преку широко разиграна игра вешто ја менува емотивна состојба давајќи им посебен тон на динамичните ситуации кои ги координираат перипетијата и расплетот на претставата. Втората двојка ја претставуваат Леа Новеска како Сара и Катерина Петреска како г-ѓа Ренате. Двата се силни лика, спротивни карактерно. Новеска оствари неверојатен лик, кој ѝ го даде сиот блесок на комплетната игра: силни емоции растегнати од лудило до разум, вешти трансформации од проститутка, валкан живот, ниски страсти до совест која боли, нејзиниот жесток и алузивен говор силно ја изрази немоќта и изгубеноста, но и желбата да ѝ се посвети трошка внимание, додека Петреска одмерено и детално ѝ пристапи кон нијансирањето на Ренате, остварувајќи незаборавен и стабилен лик од кој извираат потајните дрскости, лицемерија и презир концентрично ширејќи се од длабочината на злата намисла. До крај пленуваат нејзината смирена игра и сигурност во гласот, господари со просторот и времето. Кон оваа сјајна игра извонредно лесно Звонимир Србиноски го приклучува ликот на Максим(ум), типичен претставник на новото време во фарба од пари.
И актерите Ирина Ристевска (Евушка), Милан Србиноски (д-р Велјановски), Никола Буџакоски (Петер Милер) , Никола Србиноски (отецот), максимум мотивирани и крајно посветени остварија извонредни и енергични улоги кои долго ќе се одразуваат во свеста на гледачот. Меѓу нив е и авторот на музиката Андреј Лаброски.
Оваа претстава не беше само проверка на младите уметници-аматери пред полната сала да го излеат својот занес и копнеж, да го покажат својот талент, туку преку универзалниот драмски јазик да ја пренесат жестоката порака дека тие се тука, меѓу нас и од нас, од јавноста, посебно институциите кои се занимаваат со култура гордо и дрско да побараат само мало внимание.
OhridNews