Министерството за култура и годинава одвои финансиски средства за Националната установа „Охридско лето“. Државата за оваа намена годинава во буџетот предвиде 30 милиони денари. Средствата се доделуваат во рамките на Повикот за националните установи од областа на културата кој беше објавен во јуни 2022 година и ќе бидат искористени за реализација на годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, изрази задоволство од односот на надлежните институции кон најзначајната културната манифестација во земјата, дотолку, како што рече, што и во тешки времиња  фестивалот го добива сето потребно внимание.

Задоволна сум од висината на доделените средства со кои верувам дека успешно ќе ја реализираме зацртаната програма и ќе ја оправдаме довербата. – изјави Поповиќ за OhridNews.

Oд Националната установа упатија благодарност до Министерството за култура, и особено до министерката Бисера Костадиновска – Стојчевска, најавувајќи дека ќе биде оправдано високото реноме на фестивалот со врвна програма и светски познати уметници, кои во Охрид од 12 јули до 20 август ќе говорат со универзалниот глобален јазик на уметноста.

Г.М.