Во рамки на фестивалот „Охридско лето“, вечерва, во катедралната црква Св. Софија со почеток во 21 часот, концерт ќе одржи камерниот оркестар на Македонската музичка младина „Саша Николовски Ѓумар“.
На концертот ќе настапат солистите Софија Никоска – виолина и Иван Трајaновски-саксофон, под диригентска палка на Олег Кондратенко.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 32 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа и е составен од студенти на ФМУ- Скопје, но и гости музичари од други земји. Повеќе од 350 млади музичари биле дел од овој уникатен состав кој низ годините се наметна на музичката јавност не само како неопходност туку и како изведувачки состав со високи професионални квалитети. Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска, а оркестарот има постојана тенденција за промовирање на млади диригенти (Дијана Илкоска, Иван Еминовиќ). Како признание за постигнатите резултати, во 1995 оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичка младина. Оркестарот има остварено повеќе радио и ТВ снимки, но има и сопствена ЦД продукција со издадени 5 носачи на звук.
Веќе 32 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните 12 години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар, а годинава по втор пат летната сесија на оркестарот и концертите се под раководство на истакнатиот педагог и виолинист Олег Кондратенко.
OhridNews