Со почеток во 20 часот, пред платото на Националната установа Центар за култура ,,Григор Прличев”, вечерва ќе настапи Човекот-оркестар, Вангел Мачковски.

Вангел Мачковски е Македонец кој неколку децении живее во Палма де Мајорка, Шпанија. Тој е музички уметник што поседува особен и редок талент да свири на повеќе од 15 музички инструменти. Од 1964 година, неговиот животен пат се насочува кон градење на кариерата преку интензивните настапи со повеќе ансамбли. Во 1964 година, го формира ансамблот „Алегро“ во Загреб. Со истиот ансамбл настапувал низ цела Југославија и соработувал со многу естрадни ѕвезди.
 
Тој исполнува единствена музичка програма која се карактеризира со оригиналност и разноликост. Во текот на своите настапи, музиката ја дополнува со хумор при што публиката не може да се досадува. Музичкиот репертоар е селектиран од повеќе жанрови од областа на класичната и забавната музика. Тој изведува познати дела од композиторите Верди, Моцарт, Римски-Корсаков и др., а исто така и популарни забавни и филмски мелодии.

Мачковски има издадено 11 албуми на кои освен што е интерпретатор, тој е и композитор. Во 2006 г., издаден е неговиот последен 11- ти албум наречен Антологија. На овој албум тој ја истакнува четвртата композиција наречена „Моја фантазија“, во која се преплетуваат македонски, шпански и еврејски музички мотиви.

Ohridnews