Во рамки на фестивалот „Охридско лето“, вечерва во 21 часот во катедралната црква Св. Софија, ќе настапи ансамблот „Колегиум про музика“ од Италија.
На програмата се дела од :Телеман, Вивалди, Моцарт и Тартини.
Колегиум Про Музика е ансамбл специјализиран за изведба на музика од XVII и XVIII век (особено италијанска) во согласност со барокниот стил и со копии од  оригинални инструменти. Ансамблот го сочинуваат неколку од најдобрите италијански уметници, кои паралелно остваруваат интензивна концертна активност како солисти со најзначајните европски концертни институции, како и со признати барокни состави и диригенти. Ансамблот настапувал со познати пејачи, меѓу кои и:  Ема Киркби, Роберта Инверници, Џема Бертањоли и Катрин Кинг, со виолинистката Моника Хагет и чембалистот Боб Ван Асперен. Ансамблот работи во повеќе формации, од трио до барокен оркестар. Негов уметнички директор е Стефано Баљано. Настапувал на значајни фестивали и концерти во САД, Европа и Азија, меѓу кои и на сцените на Карнеги Хол, салата на Московскиот конзерваториум, Palazzo Venezia во Рим, Конзерваториумите во Пегинг и Тијанин, Интернационалниот фестивал во Љубљана, Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена и многу други. Ансамблот има реализирано повеќе снимки, кои се наградени со одлични критики. Колегиум Про Музика снимил носачи на звук за Brilliant Classics, Stradivarius, Dynamic, Tactus, Velut Luna и Nuova Era.
OhridNews