Годината што изминува одново беше богата на спортски план. Усеин Болт, Кети Ледецки, Тајсон Фјури, фудбалерите на Барселона, корупциската афера во ФИФА се само дел од оние кои ја одбележаа 2015 година во светот на спортот.   

Усеин Болт

Најбрзиот човек на светот, Усен Болт, на СП во Пекинг ја потврди доминацијата во спринтот. Незапаметен интерес предизвика финалето на 100 метри, во кое главен ривал на Болт му беше Џастин Гетлин, човек кој два пати во кариерата е казнуван поради употреба на допинг. Финалето на 100 метри беше наречено „трка помеѓу доброто и злото“, а Болт за една стотинка го победи Гетлин. Атлетичарот од Јамајка, во Пекинг освои три златни медали (100, 200, 4X100 метри).

Кети Ледецки

Американката ја нарекоа 18-годишно чудо од дете, таа епитетот го оправда на СП во Казан, каде освои пет златни медали и собори три светски рекорди. Ледецки победи на 200, 400, 800, 1.500 и 4X200 метри, водено запишувајќи се во историјата како единствената која освоила четири златни медали во слободен стил на едно СП. 

Тајсон Фјури

Малкумина веруваа дека токму Фјури ќе ја прекине 11-годишната доминација на Владимир Кличко во тешка категорија. Фјури едноставно беше пребрз и премногу агресивен за Украинецот и на крајот славеше со едногласна одлука на судиите. Фјури го живее својот сон, а фановите на ‘племенитата вештина’ се во исчекување на реваншот, кој го најавија двајцата боксери. Реваншот ќе биде во Англија, а терминот дополнително ќе биде одреден, се шпекулира дека ќе се одржи во периодот април-јуни.

Пау Гасол ја однесе Шпанија до европската титула, Реал славеше во Евролигата

Иако во 35-година од животот Пау Гасол ја потврди својата величина и десеткуваниот шпански состав го однесе до златниот медал на ЕП кое прв пат се одржа во четири држави, а завршницата се играше во Франција. Особено впечатлив беше неговиот настап во полуфиналето против домаќинот Франција, со 40 поени и 11 скокови тој ја однесе Шпанија во финалето, каде Литванија немаше никакви шпански против ‘црвената фурија’, која го освои третиот златен медал на последните четири континетални првенства.

На клупски план Реал ја искористи предноста на домашниот терен (завршниот турнир во Евролигата се играше во Мадрид) и по 19 години повторно ја освои европската титула. Реал доминираше во полуфиналето против Фенербахче и во финалето против Олимпијакос.

Голден Стејт Вориорс

Стручњаците коментираат дека кошарката во НБА лигата не била толку интересна уште од пензионирањето на Мајкл Џордан. Стеф Кари и Голден Стејт донесоа нешто ново, атипична кошарка, напад кој некогаш трае помалку од пет секунди и тотална доминација во најсилното првенство во светот.

Многумина се согласуваат дека се раѓа динаситија која може долго време да владее со НБА лигата, нешто што во минатото го правеа Бостон Селтикс, ЛА Лејкерс и Чикаго Булс.

Голден Стејт со тренерот дебитант Стив Кери, во плејофот, го минаа ‘дивиот запад’, а потоа во големото финале славеа над Кливленд на Леброн Џејмс.

Дека титулата не била плод на случајности покажуваат и оваа сезона, каде во досега имаат само еден пораз на 27 одиграни натпревари.

Енди Мари, Серена Вилијамс и Новак Ѓоковиќ

Шкотланѓанецот Енди Мари е спортска личност на годината во Велика Британија, заслужено, бидејќи на нацијата и го донесе трофејот во Девис купот. Британците во ова престижно натпреварување триумфираа по пауза од 79 години. На патот до трофејот Мари победи во сите осум мечеви во сингл, а во финалето во Белгија го доби и мечот во дубл, во кој партнер му беше братот Џејми.

Серена Вилијамс и Новак Ѓоковиќ доминираа во светскиот тенис, но сепак не успеаја во намерите да комплетираат календарски Грен слем, иако беа многу блиску до остварување на сонот.

Серена победи на Австралија Опен, Ролан Гарос и Вимблдон, во нападот на УС Опен потклекна пред Роберта Винчи во полуфиналето. Италијанка го одигра најдобриот меч во кариерата и славеше со 2:6, 6:4, 6:4. Подоцна во сеиталијанското финале титулата ја освои Флавија Пенета која пред еден месец стави крај на својата кариера.

Ѓоковиќ, слично како и Серена, освои три грен слем титули, единствено не успеа на Ролан Гарос, единствениот грен слем кој го нема осовено. На патот до успехот беше запрен од Стан Вавринка, Швајцарецот блескаше во финалето и славеше во четири сета (4:6, 6:4, 6:3, 6:4).

Андреас Фанамел, светски рекордер во ски летови

Неверојатниот викенд до ски летовите во Викерсунд започна со светскиот рекорд кој го постави Словенецот Петер Превц (250 метри). Сепак Превц само 24 часа беше светски рекордер, ден подоцна Фанамел го шокираше светот со летот од 251,5 метри.

Роберт Левандовски, Барселона, Жозе Мурињо

Ниту еден навивач на Баерн кој на 22.септември го следеше дербито со Волфсбург на „Алијанц Арена“, не можеше да претпостави дека присуствува на историски меч. Баерн по првото полувреме имаше гол негатива (0:1), на почетокот на вториот дел Левандовски влезе во игра и испиша историја. Полскиот репрезентативец во периодот од 51. до 60.минута постигна пет голови, учинок незабележан во модерниот фудбал.

Фудбалскиот клуб Барселона доминираше на клупски план во светото во 2015 година. Каталонците освоија пет од можните шест трофеи, единствено не го освоија Суперкупот на Шпанија, каде во двомечот подобри беа фудбалерите на Атлетик Билбао. Релативно лесно ја освоија Примера и шпанскиот Куп, славеа над Јувентус во финалето во ЛШ, во драматичен меч ја поразија Севилја во финалето на УЕФА Суперкупот, а пред десетина дена супериорно ја освоија титулата на Светското клупско првенство.

Тимот на Луис Енрике нема намера да застане, а тоа го покажува и доминацијата во дербито со Реал, кога среде Мадрид го понижија големиот ривал со 4:0.

‘Специјалниот’, Жозе Мурињо, во нецели шест месеци мина пат од пуковник до покојник на ‘Стенфорд Бриџ’. Португалецот во мај ја прослави титулата во Премиерлигата, а шест месеци подоцна доби отказ.

Челзи катастрофално ја започна сезоната, во која веќе има девет порази во Премиерлигата, што беше доволна причина Роман Абрамович да му врачи отказ на Мурињо.

Од отказ Португалецот не го спаси ниту тоа што избори пласман во осминафиналето во ЛШ.

Корупција во ФИФА, суспензии за Блатер и Платини

Многумина во изминатите години обвинуваа дека корупцијата царува во ФИФА, но се додека Американците не се заинтересираа за овој случај, никој не превземаше ништо. Во мај, ФБИ побара, а швајцарските власти уапсија 12 високи функционери на најмоќната светска спортска организација со клопчето започна да се одврзува.

Кулминација на целата акција која сеуште не е завршена и во која се замрзнати 133 банкарски сметки е осумгодишната суспензија на првиот човек на ФИФА Сеп Блатер и неговиот пријател, инаку претседател на УЕФА Мишел Платини.

Блатер на Платини му платил 1,8 милиони евра за консултански улоги и тоа врз џентлменски договор, поради што Етичкиот комитет на ФИФА реши да ги суспендира двајцата.

Ноќ кога на Вембли се пееше Марсељеза

Натпреварот Англија-Франција веројатно е најважниот пријателски меч на сите времиња. На 17.ноември очите насветот беа вперени во фудбалскиот храм, кој во тој момент преставуваше симбол на слободниот фудбалски свет.

Натпреварот се одигра само четири дена по крвавите терористички напади во Париз.

Нова ракометна ‘сила’ Катар

На почетокот на годината ракометниот Мундијал се одигра во Катар, а домаќинот на најдобар начин покажа дека со пари може да се купи се. Под знамето на Катар играа играчи од Балканот, Шпанија и други држави ги предводеше тренерскиот генијалец Ривера и чудото се случи, Катар стигна до финалето. Неверојатен успех, но според Полјаците, а пред нив и Германците, Катар само со помош на судиите победил во четвртфиналето и полуфиналето. Во финалето против Франција ниту судиската помош не им помогна.

Сензационален триумф на Јапонија над Јужна Африка на СП во рагби

Октомври беше резервиран за СП во рагби кое се одржуваше во Англија. Титулата ја освои Нов Зеланд (34:17) против Австралија и стана првата селекција која успеала да ја одбрани титулата.

Сепак успехот на Новозеланѓаните го засенија Јапонците, кои ја приредија најголемата сензација во историјата на рагбито и една од најголемите сензации во модерниот спорт.

Имено тоталниот аутсајдер Јапонија успеа да слави над рагби велесилата Јужна Африка со 34:32. Сепак иако Јапонците потоа славеа над САД и Самоа, поради поразот од Шкотска не стигнаа до четвртфиналето.

Ohridnews