Охридските новинари ги оценуваат настаните кои ја одбележаа 2006 година.

2006 ќе ја паметам по концертите  на Брајан Фери и “Рокси мјузик“,
како и оној на македонската група “Леб и сол“ што се одржа на Античкиот театар, вели Тања Кувенџиска, новинарка во ТВ М.

“Двата настани ставија печат на годинава која изминува. Особено концертот на Леб и сол, звук и атмосфера- кои ги надминаа моите очекувања во позитивна смисла. Вистинско уживање кое долго ке се памети. Како значаен настан можам да го споменам и промовирањето на првиот електронски весник, а  пријатно изненадување е убаво украсениот град по повод новогодишните празници, вели Кувенџиска.

Во годинава која изминува најлош впечаток ми остави тоа што за време на
туристичката сезона градскиот кеј  беше претворен во  вистинско градилиште , каде  никнаа неколку, ќе се осмелам да кажам “објекти- вистински кич “, смета Кувенџиска.       


 Брајан Фери  

Раздвиженоста во туризмот и враќањето на странските туристи ја одбележаа 2006 година во Охрид. Силен белег како голем културен настан остави и поставувањето на споменикот на Свети Климент Охридски на градскиот плоштад, додека на спортски план за одбележување е враќањето на кошарката во Охрид, вели Симон Илиевски, дописник на телевизијата Канал 5 и Утрински весник.


Симон Илиевски

Дејствувањето на урбаната мафија и експанзивната градба,  неуредените плажи, уривањето на дел од северниот бедем од Самоиловата тврдина и  негрижата за куќата на Уранија  според Илиевски се најнегативните настани што се случиле во Охрид во 2006.



споменикот на Св. Климент Охридски

Баба Максина од  струшкото село Враништа  во месец август 2006 година го
прослави својот 100-ти роденден. Дочекала многу внуци, правнуци и
праправнуци. Ги поминала сите војни на овие простори. И покрај годините, слухот и видот одлично ја служат. Браво за баба Максина, по која ќе ја паметам 2006 година, вели новинарот на НТВ и дописник за Канал 77, Мики Трајковски .


Мики Трајковски

Негативен настан  за мене е приказната на  Божана Прентоска, самохрана мајка од Струга која во месец септември по 4  години работа како хигиеничарка во средното училште “Нико Нестор“ во Струга остана без работа, вели Трајковски.

Настани кои се случија во годинава на истек , а кои , според мене заслужуваат висока оценка се: изградбата на потпокривот на охридската гимназија и фестивалот  “Охридско лето“ кој успева да ги задоволи и најострите критериуми на фановите на културата и да ги донесе во Охрид врвните уметнички имиња во светски рамки, вели Александра Ристоска, новинар во Радио Охрид.


Александра Ристоска

Повеќекратните посети во геријатриското одделение при Општата болница од страна на Црвениот крст и бројни невладини организации ја вратија насмевката на старите лица згрижени во ова одделение.
Празник за очите на крајот од оваа година е и новогодишното украсување на потесното централно градско подрачје, поточно на градскиот плоштад, вели Ристоска .

Како негативни работи кои се случуваат во Охрид, би ги споменала превирањата во градскиот совет  кои навистина го отежнуваат донесувањето  одлуки од големо значење за општината и граѓаните.  Во овој контекст би ги споменала и стечајните постапки отворени во повеќе фирми во градов кои оставија без работа голем број работници, ни изјави Ристоска.


Гимназијата

Како најпозитивен настан го оценуваме поставувањето на споменикот на Св.Клиемт Охридски патронот на Охрид. Без разлика на поделените мислења на стручната јавност околу локацијата на споменикот, цениме дека поставувањето на овој споменик е настан на годината, од причина што на овој споменик  Охрид чекаше неколку децении, вели од име на редакциите на АМАК Прес Охридски Новини и ТВ Морис, новинарот Љупчо Танески.


Љупчо Танески

Редакциите на Амак Прес Охридски Новини и ТВ Морис , како најнегативни настани во 2006 година ги оценуваат уривањето на бедемот на Самуиловата тврдина и уривањето на дел од ѕидот на куќтата на Уранија. Сметаме дека овие два несреќни настани се најнегативни во изминатата година од причина што се покажа дека нашата негрижа за културно историското наследство добива згрижувачки размери и повторно по којзнае кој пат се покажа на дело дека кога новинарите аламираат на некои појави, дел од општеството и луѓето назначени на јавни функции тоа го третираат како сензационализам , префрлајќи ја одговорноста токму на новинарите, кои за жал и во овие два случаи имаа право.


Kуќата на Уранија: запуштена

Најубав настан претставува преселувањето на автобуската станица на новата локација, кој воедно мене ми е и најлош настан што се случи во 2006 година, бидејќи се покажа дека преселувањето е избрзано само за да се ослободи просторот во центарот на градот за да се подигнат  бетонски колоси, вели новинарот на МИА Борис Ѓорѓиоски.

Автобуската сега претставува “ругло“ без изградена инфраструктура, а локалната самоуправа избрза со целокупната постапка, смета Ѓорѓиоски.

Без размислување ќе кажам дека годинава што измина  ја одбележа Црвениот крст од Охрид и активностите на оваа хуманитарна организација, вели новинарот на ТВМ Росица Голабоска..

Она што посебно ме воодушеви е амбициозноста и желбата да се помогне- да се нахранат 150 најсиромашни семејства во градот. Црвениот крст преку  хуманитарни акции успеа да облече и да нахрани околу 600 гладни усти и да им обезбеди храна  барем за еден месец, вели Голабоска.
 
Не можам а да не спомнам. Во Охрид се поставува споменик на Анри Динан- основачот на Црвениот крст. Ова не случајно го пишувам, бидејќи дел од оние кои ги носат одлуките во Охрид не знаеа кој е Анри Динан па во еден момент го прекрстија во Анри Дини. Многу пооважно е сметам да му се оддаде почит на претседателот на општинската организација на Црвениот Крст, Сашо Точко, за неговите иницијативи и успешно водените хуманитарни акции, вели Голабоска.

Секако од позитивните културни настани  треба да се одбелележат  концерите на “Леб и сол“ и Брајан Фери.

Состојбите во охридското здравство, милионските долгови на општата болница и раскинувањето на сите договори од страна на сите веледрогерии во државава кон “Здравствениот дом“, водат на подолгиот список на негативни настани во 2006 г.
“Да не ми се случеше еден немил настан немаше да знам дека во поедини одделнија во општа болница немаат аналгетици,- пациентите сами ги купуваат, а лекувањето во болница чини колку еден одмор на некое егзотично место“, вели Голабоска.
Тука се и неконтролирана урбанизација на градот и губењето на автентичноста на Охрид.
и негрижата за нашето културно наследство.
 
И тука ќе запрам,сепак е Нова година. Полна со оптимизам ќе им посакам на сите охриѓани многу здравје,среќа и љубов.Чувајте го своето достоинство, порачува Голабоска.

А ние. Што ние? Па нашите колеги кажаа се`. Само ќе напоменеме, дека лошите настани ќе се заборават, иако  треба да се извлечат поуки, да се побара одговорност и да не се повторат, а на добрите работи останува да се сеќаваме и да ги паметиме.    

Горан Момироски