Денеска, 28 јули, со почеток од 18 часот, на кејот Македонија во Охрид, ќе се одржи настанот „За сите во нашата заедница, од 1 до 101 година” кој ќе понуди огромен број креативни и едукативни активности за сите генерации.

Целта на овој јавен настан е да се зајакне соработката меѓу членовите на заедницата, невладините организации и институциите преку развивање на чувство за позитивен идентитет и припадност кон заедницата, за промовирање на меѓугенерациска комуникација и за промовирање теми од општ интерес како што се важноста на раниот детски развој и важноста на институционалната и семејната поддршка за ментално и физичко здравје и благосостојба на возрасните.

На посетителите од најразлични генерации ќе им бидат понудени 9 катчиња со активности од кои дел се: совети за здрави читачки навики, совети за родителство, уметничко и танц катче, јога за смеење, како и кафе-разговор со професионалци од областа на менталното здравје. Вечерта ќе заврши со проекција на документарни филмови внимателно одбрани од „Македокс“, како и со DJ сет на Тони Зен. Главната одлика на сите активности е што се наменети за меѓугенерациска соработка и дружење.

Настанот „За сите во нашата заедница, од 1 до 101 година“ го организира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“. Настанот е дел од кампањата „Мрдни со прст” која има за цел подигнување на јавната свест за различните можности за општествени промени кои може да ги направи секој поединец, и ќе понуди идеи и можности за придонес кон конкретни активности во рамките на заедницата во која граѓаните можат да се ангажираат индивидуално и колективно. Во текот на август, вакви настани ќе се одржат и во Битола и Штип.

OhridNews