Наследниците на имотите кои со процесот за денационализација им биле вратени на просторот на кој се наоѓаат оранжериите на АД „Градинар“, се жалат дека поради судскиот процес, кој според нив неосновано го покренала фирмата, не можат да владеат со своето земјиште.


Според Осман Муса, еден од сопствениците на имот на спорната локација, нејасни се причините поради кои наследниците не можат да управуваат со своето земјиште.

– На корисникот кој во 2001 година потпишал договор за закуп со Министерството за земјоделство и во истиот договор се обврзал дека еден ден кога ќе пристигнат решенијата за денационализација ќе му го предаде имотот на сопствениците, во меѓувреме му пораснале апетитите. Откако почнале да пристигнуваат правосилни решенија повел постапка пред парничен суд во која бара да се утврди сопственоста со сопствениците и со државата. Тоа е апсурдна  работа за мене еден корисник без да го купи или наследи земјиштето, напротив самиот се обврзал и се потпишал да го врати, се појавува во една постапка како тужител и сметам нелегитимно, на овие простори да бара сопственост, вели Муса.

Тој посочува дека според законот, денационализацијата треба да се решава во управна постапка, а не во парнична постапка.

– Таа управна постапка за 40 фамилии, баратели на околу 60 000 метри квадратни земјиште е завршена со сите правни лекови, дури и со пресуди од Управен суд. Овде државата има сопственост на  земјиште од 160 000 метри квадратни, а моменталната вредност на земјиштето од судот е проценета на 100 евра за метар квадратен, односно вкупната вредност на земјиштето е 22 милиони евра. Од тоа 16 милиони евра по денационализацијата ќе останат на државата, вели Муса.


Еден од наследниците на имот кај оранжериите, е и Никола Котели, поранешен судија. Тој изрази зачуденост како е поведена судска постапка за случајот.

-Во 2003 година Комисија утврди  дека оранжериите на местото се руинирани, обраснати со коров и дрвја и таа постапка со тоа заврши. Согласно законот за денационализација корисникот на тоа земјиште не смее да презема никакви дејствија. „Градинар“ почна некој столпчиња да гради и сака врз тој основ да стекне сопственост. Тоа никаде го нема. Тој се јавува како странка и ги тужи и државата и нас наследниците и не разбирам кој му дал право како корисник да тужи, а згора на тоа како сопственик се јавува државата, вели Котели. Тој се повика на извештајот на експертите од градежниот факултет кои во текот на постапката, како што рече, “утврдиле дека оранжериите кои се поставени на спорното земјиште се времени објекти од холандски тип и лесно се демонтираат“. И во самите решенија за денационализација стои обврска на „Градинар“ да ги тргне оранжериите пред да ни го предаде земјиштето, додава Котели.


Незадоволство изрази и наследничката Билјана Јанеска, која кажа дека нејзината фамилија има правосилно решение од 2008 година, а имотот е внесен во Катастар.

„Имаме и записник за предавање во владение и ние фактички го владееме земјиштето, а АД „Градинар“ не спречува во тоа и врши кривично дело самовластие“, обвини Јанеска.

Сопственикот на АД „Градинар“, Јордан Буџакоски, во телефонски разговор со новинарите се воздржа од коментар , бидејќи, како што рече, не сака да влијае врз судскиот процес кој е во тек. Тој само кусо кажа дека АД „Градинар“ има право на сопственост над спорниот имот врз основа на градба.

Според Генералниот урбанистички план на просторот кај оранжериите предвидена е изградба на станбен комплекс.

Ohridnews