Наследниците на имоти во авто кампот Градиште, за кои осум години се води постапка за денационализација, се сомневаат дека процесот намерно се одоговлекува, со што според нив, се штитат интереси на локални моќници.


„Проблемот е во комисиите во Охрид. Ние знаеме кој се замешани,  меѓутоа треба државата законот што го  има донесено да  го спроведува,  а не да ги брани тие моќници што имаат пари“, вели Симон Азески, наследник на имот во Градиште. Заедно со неговата, вкупно триесетина фамилии од Пештани побаруваат близу 150.000 метри квадратни имот во атрактивниот камп. Дел од нив ја загубија довербата во домашните институции и решија правдата да ја побараат пред меѓународниот суд во Стразбур.  Нивните предмети биле примени и се очекува скоро да започне судски процес против државата.


Наследниците очекуваат нивните имоти на кои се наоѓа авто кампот Градиште да им бидат вретени, бидејќи тие не се искористени за целта за која биле одземени. Тоа според нив се потврдува и со одлуката на посебната комисија за денационализација која во април годинава на Дебарско-кичевската епархија и врати 6500 метри квадратни имот во Градиште.


„ Ако може на црквата да и се врати имот кој е во склоп на автокампот и е одземен со исто решение како и нашите имоти, тогаш не гледаме причина да не ни биде вратено нашето земјиште“, вели Ѓорѓи Танески, претседател на здружението на граѓани сопственицин на имоти во Градиште „Оревче“. Тој обвинува дека надлежните комисии играат бумеранг со наследниците и очекува конечно државата да ја запре нивната агонија. Лично премиерот Груевски ни вети дека нашиот проблем ќе биде позитивно разрешен и ние веруваме дека тој ќе остане на својот збор. Доколку не биде така подготвени сме да ја продолжиме нашата праведна борба вели Танески.

Г. Момироски