Некогаш голем хотелски бренд, овој објект, сопственост на групацијата М6, со години е запуштен. Поради нерешените имотно правни и сопственички односи хотелот долг период не работи. Од друга страна сопствениците на денационализираните имоти бараат во урбанистичките планови да се предвиди градба на просторот пред хотелот „Палас“, но локалната самоуправа тврди дека нема ингеренции да одлучува за тоа.
– Општина Охрид не може да превзема никакви активности во урбанистичката сфера бидејќи Дирекцијата за заштита на културното наследство го заштити хотелот Палас, односно донесе одлука хотелот да остане со истиот габарит истата висина и да не се промени намената. Општина Охрид може само да апелира до сите релевантни фактори вклучени во овој процес, за што побрзо решавање на овој проблем, зашто вака трпи градот како од економски така и од естетски аспект. – велат од локалната самоуправа.
Каква ќе биде судбината на хотелот „Палас“ и атрактивниот имот пред него, останува да се види.