Во вторник, 5 февруари, ќе се одржи 24 седница на советот на Општина Охрид, на која, меѓу другото, на дневен ред ќе бидат и повеќе предлог одлуки за легализација на бесправно изградени објекти, меѓу кои и неколку во авто кампот Градиште.

На ова реагираат жители од с. Пештани кои долги години водат правна битка за враќање на нивните национализирани имоти. Тие предупредуваат дека советот на мала врата сака да легализира објекти кои, според нив, незаконски веќе биле регистрирани во катастарот. Поради тоа тие бараат советот да ги симне од дневен ред точките кои се однесуваат на легализација на бесправно изградени објекти во кампот Градиште.

Градиште е огледало на тоа како функционира целиот систем на Република Македонија. Ние барателите на имот во Градиште по пат на денационализација веќе 18 години сме заглавени во лавиринтите на системот. Нашата правда е попречена од поединци вработени во тој систем, кои себеси се поставуваат над законите и Уставот на РМ и носат одлуки и решенија кои се незаконски и се спротивни на законите и Уставот на РМ. – вели Андријана Башоска, наследник на имот во Градиште.

Незадоволните граѓани обвинуваат за матни игри на моќници кои имаат големи интереси околу атрактивниот имот во Градиште, посочувајќи дека нема да дозволат некој да им го одземе имотот кој еднаш веќе им бил одземен на нивните предци. За случајот и бројните неправилности, како што велат, писмено ги известиле  сите советници во градското Собрание. Доколку не се симнат наведените точки од дневен ред и се изгласа легализација на објекто во авто кампот Градиште, тие најавија дека ќе поднесат кривични пријави за злоупотреба на службена должност. Исто така бараат надлежните институции да го расветлат случајот кој со децении е заглавен во правните лавиринти, а доколку и тие останат неми, најавуваат дека со радикални протести ќе ги бранат имотите за кои сметаат дека се нивни.

OhridNews