Наредните денови ќе почне реконструкцијата на булеварот „Туристичка“, информира денес министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој оствари средба со градоначалникот Јован Стојаноски. Како што нагласи министерот, се чекало да заврши туристичката сезона, па да започнат градежните работи.

Освен реконструкцијата на „Туристичка“, за наредниот период Сугарески ги најави и проектите за обновување на стариот пат од Подмоље до Охрид, патниот правец Охрид-Св.Наум и Струга-Ќафасан.

  • На вчерашната седница помина втората информација во делот на кредитната линија која државата ќе ја прави преку министерството за финансии со Светска банка за околу 70 милиони евра од кои државата ќе им овозможи на општините, преку проекти, да ги градат локалните патишта. Со тоа, во голема мера ќе им помогнеме на општините и ќе биде големо олеснување за нивните буџети, рече министерот Сугарески.

Градоначалникот Јован Стојаноски најави дека наредниот период предвидено е, поголем број улици во градот да бидат асфалтирани.

  • Со проект веќе е аплицирано за реконструкција на улицата Абас Емин. Во финална фаза е изборот на консултантските услуги од министерството за транспорт и врски, па следува распишување на тендерот и очекувам дека до крај на годината или почетокот на наредната година ќе почне реконструкацијта, изјави Стојаноски.

Градоначалникот информира и за уште неколку проекти на кои се работи, меѓу кои изградбата на водовод од Дувло до Охрид. Стојаноски и Сугарески разговаараа и за финансирањето на урбанистичките планови во старото градско јадро, кои општината финансиски не може да ги издржи.

OhridNews