Во рамки на работната посета на Охрид, премиерот Зоран Заев и министерот за економија Крешник Бектеши, попладнево во хотелот „Инекс Олгица“ остварија средба со хотелиерите од регионот.
Оваа Влада го смета туристичкиот сектор за непроценлив ресурс за развој на економијата. Бројките се добри, минатата година надминавме 1 милион туристи со 3 милиони ноќевања, таргетот за годинава е 1,3 милиони туристи со 4 милиони ноќевања и девизен прилив од овој сектор од 420 милиони американски долари, истакна премиерот Заев.
Светот го движат услугите, а ние треба да се подготвиме да ја зграпчиме можноста, бидејќи капацитет имаме. – рече претседателот на Владата.
Премиерот истакна дека се прават напори за воведување на нови авионски линии и олеснување на визниот режим, а меѓу таргет земјите се Кина и земјите од Голфскиот залив.
На средбата со хотелиерите министерот Бектеши ги најави новитетите кои ќе бидат дел од новиот закон за туристичка дејност, како предлози на туристичкиот сектор. Меѓу предлозите во регулативата е и менување на моделот на субвенционирање на странскиот организиран туристички промет, преку определување на износот во зависност од категоријата на угостителскиот објект за сместување туристи.
Измените на законската регулатива предвидуваат формирање на туристичка инспекција, намалување на бројот на членови на комисијата за категоризација од 13 на 5, лиценцирање на рестораните за свадби, решавање на горливиот проблем со нелојалната конкуренција од страна на физичките лица, како и воведување категоризација на објектите кои ги нудат за сместување“, рече Бектеши, додавајќи дека еден од моделите е доколку едно физичко лице ја надминува бројката од 20 легла или 10 соби што ги нуди како сместувачки капацитети, да мора да отвори фирма. – рече Бектеши.
Претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески ги посочи главните предизвици на туристичкото стопанство, меѓу кои проблемот со наплатата од страна на ЗАМП, потребата од модернизирање на спортските терени, со оглед на големиот број на спортисти кои доаѓаат на подготовки во Охрид во зимскиот период, потребата од персонал, како и хигиената на туристичките дестинации, преку решавање на проблемот со депониите, колекторот и неопходноста од урбана полиција во летната сезона.
Потребно е отворање на бизниси кои ќе ги задржат младите тука, од типот на молови, водени паркови, тркачки стази, спортски терени и базени, а еден од сегементите на кој треба да му обрнеме посебно внимание е здравствениот туризам, преку отворање на домови за стари лица кои ќе можат да се вратат од странство и да ги поминат мирно и убаво тука пензионерските години. – потенцираше Блажески.
Премиерот Заев и министерот за економија Бектеши придружувани од директорот на Царинска управа Ѓоко Танасоски денеска беа во прошетка по охридската чаршија. Тие посетија неколку дуќани и занаетчиски работилници и поразговараа со сопствениците за условите за работа и мерките за поддршка од Владата за мали, микро и средни претпријатија.
Сите сме согласни дека поддршката за мали и средни претпријатија што ја обезбедува Владата е значајна и ќе продолжи, а заеднички се очекувањата економските политики да резултираат со зголемување на личната потрошувачка што за овие семејни бизниси и занаетчиски работилници ќе значи и зголемување на профитот. – рече премиерот Заев.
Премиерот истакна дека оваа година се менува казнената политика. Рече дека казните ќе бидат правични и сразмерни согласно големината на фирмите и нема да го загрозуваат нивното работење и опстанокот.
За малите фирми според новиот закон минималната глоба ќе биде 50 евра, а максималната глоба ќе изнесува 2000 евра. За споредба, во стариот закон максималната глоба изнесуваше 5000 евра – што значи глобите за малите фирми се намалуваат за 60%. – истакна премиерот Заев.
OhridNews