Премиерата на филмот на Ричард Линклејтер ’Boyhood’ е закажана за 18-ти јули во САД и веќе го нарекуваат пресвртница во историјата на филмот.
Филмот е сниман 12 години, а ѕвездата на филмот Илар Колтрејн снимањето го започна како шестгодишник, а го заврши како 19-годишно момче.
За Линклејтер, меѓутоа, филмот кој трпеливо го снимаше повеќе од една деценија, не е ништо исклучително.
„Не се разликува од животот. Кога луѓето ќе кажат: „О, тоа беше многу ризично“, па не сум баш сигурен. Во споредба со што? Или сте живи или не сте. Бев оптимист дека сите ќе бидеме тука за 12 години. Статистички тоа беше можно“, рекол режисерот за АП.
Тоа што беше помалку веројатно е дека Линклејтер ќе избере вистински шестгодишник на аудиција чиј вистински живот ќе го следи 12 години.
’Boyhood’ е приказна за семејство од Остин, момчето Мејсон (Колтрејн), неговата сестра Саманта која ја глуми ќерката на Линклејтер, Лорелај и нивните разведени родители кои ги глумат Итан Хоук и Патриша Аркет.
Проектот, кој Линклејтер го замисли како историја за животот на Мејсон од основно училиште до матура, е толку необичен што ниту еден актер не потпишал договор. Но, сите останале посветени.
Филмот е фикција, но и документ на животот. За да го прикаже стареењето, Холивуд користи разни техники. но сите тие му делувале вештачки на овој независен режисер чија трилогија ’Before’ (Sunrise, Sunset, Midnight), исто така, претставува хроника на една љубовна врска на секое десет години во кои глумат истите актери Итан Хоук и Џули Делпи.
Интересно е тоа што ’Boyhood’ е сниман само 39 денови, распоредени во 12 години. Линклејтер го монтирал материјалот како што го снимал менувајќи ја приказната за да ги вклучи промените како кај Колтрејн така и во светот воопшто.
Колтрејн така навистина расте пред камерите.
„Сите се прашуваат како се менуваат од ден на ден, а особено во текот на годините. Мислите дека како дете сте биле поинаква личност од таа што сте станале кога сте пораснале. А, всушност, една од најзастрашувачките работи е дека јас сум истата личност“.
И тоа е суштината на филмот- дека сите еволуираме и стануваме позрели со текот на годините, но дека суштински сме исти како во детството. Нашите животи не ги дефинираат големи, драматични моменти кои често се прикажуваат на филмовите, туку животот едноставно тече.
„Тоа на некој начин дава утеха. Тоа на некој начин ме присили да се прифатам себе си таков каков што сум“, вели Колтрејн.
’Boyhood’ е единствен ако се земе предвид колку време е потрошено за снимање на кратки сегменти. “Филмот има моќ да ја сними реалноста. Тоа го прави толку магичен медиум“, вели Линклејтер.
OhridNews
извор: Макфакс