Започна реализацијата на проектот за урбанизација на просторот на касарните во Република Македонија. Министерството за транспорт и врски деновиве распиша јавна објава за отуѓување на градежно земјиште по пат на јавно наддавање, сопственост на Република Македонија, кое се наоѓа во општина Кичево, наменето  за изградба на објекти за семејно домување во станбени згради.
 
Ова е дел од Стратегијата на Владата на Република Македонија и со него ќе се овозможи со промена на деталните урбанистички планови, земјиштето на касарните како и соодветниот простор да има различна намена од досегашната. На овој начин ќе се овозможи реализацијата на бројни инвестиции, односно ќе се создаде можност за изградба на објекти со комерцијално-деловна намена, како што се: трговски центри и хотели, јавни објекти, како катни гаражи, образовни институции и здравствени институции, но и објекти за колективно и индивидуално домување.
 
По повод пренамена на дел од просторот на касарните во Република Македонија, во наредниот период Министерството за транспорт и врски, освен за Охрид,  ќе распише јавни објави и за Кочани, Битола, Дебар, Скопје, Струмица, Дојран и Гевгелија.

Како што е познато, на просторот на касарната „Михајло Апостолски“ во Охрид, ќе биде изграден образовен центар. Тука ќе бидат сместени Универзитетот за информатички технологии, а се размислува и за преселба на други факултети и средни училишта. Исто така предвидена е и изградба на универзитетски кампус.

OhridNews