Во текот на наредните денови ќе биде решен и статусот на вработените со договор на дело воспитувачки и негувателки во охридските градинки, изјави за Ohridnews, потпаролот на Министерството за труд и социјална политика, Ерзана Јакупи. – Согласностите кои се очекува да им бидат врачени на охридските воспитувачки и негувателки се дел од вкупно 100- те согласности планирани за годинава, за кои Министерството за финансии има дадено согласност, рече Јакупи.

Првите 23 беа доделени денес во скопската општина Чаир.

По доделувањето  на согласностите во градинките ќе бидат распишани конкурси за вработување на кои ќе можат да конкурираат сите лица кои биле ангажирани со договори на дело и со нерешен статус.

Министерот Бајрами, денес, изрази надеж дека и во наредната 2011 година ќе се предвидат средства во буџетот на министерството за труд и социјална политика за решавање на статусот и на останатиот дел од 300-те негувателки кои оваа година не биле опфатени.  

За потсетување, во охридската ЈУДГ Јасна Ристеска има 28 вработени со договор на дело. Покрај тоа што немаат решенија за работа,  на ангажираните воспитувачки, негувателки и технички персонал во охридската градинка, не им се уплаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Меѓу нив има и такви кои без редовен работен однос работаат и повеќе од 8 години. Нивните вкупни месечни примања, заедно со хранарината и трошоците за пат, изнесуваат по околу  6.000 денари.

Ohridnews