На менито во рестораните наскоро би можел да се најде и хамбургер со вештачко месо, односно месо произведено врз основа на матични говедски клетки. Главното својство на овој хамбургер, кој е плод на истражувањето на холандскиот професор Марк Пост, е да нема ниту малку масти. Според медиумите, иако без масти, вештачкото месо, на чиј прототип биле потрошени 250 илјади евра, има ист вкус како и местото од обичниот хамбургер.


Со оглед на моменталната цена на неговото производство, ќе биде потребно да се сочека извесно време овој необичен хамбургер да се најде во широката потрошувачка. Медиумите навеле дека постојат неколку препреки на тој пат, како научни така и културолошки. Најпрво треба да се унапредат истражувањата како би се намалиле трошоците за производство, што е еден од условите за комерцијализација, а потоа да се убеди јавноста да го напушти месото произведено на традиционален начин и да се премине на „лабораториските“ хамбургери.