На 17 Мај се одбележува Меѓународниот ден на СОС линиите за помош и поддршка на децата. За 16 години колку што во Македонија функционира ваква СОС линија регистрирани се 17 407 повици, но загрижувачки е тоа што во однос на 2007 година, во 2008 година зголемен е процентот на јавувањата за злоупотреба и насилство врз деца за 25,76%, а на семејните односи за 9,55%, информираат од Првата детска амбасада „Меѓаши“.
Во 2008 година на СОС телефонскииот број 0 800 1 22 22 регистрирани се 360 повици и е интервенирано во 199 случаи. Најголем дел од повиците се однесувале на проблеми поврзани со злоупотреба и насилство врз деца (39), потоа семејни односи (34),следат правни работи, училишни проблеми и.т.н.
– СОС бесплатната линија за деца и млади нуди услуги кои се од големо значење за помош на децата и заштита на нивните права. Апелираме до претставниците на Владата, локалната самоуправа, телекомуникациските служби и социјално одговорните бизнис партнери финансиски да ги поддржат СОС линиите кои им помагаат на децата, се вели во соопштението на Првата детска амбасада „Меѓаши“, по повод Меѓународниот ден на СОС линиите за помош и поддршка на децата.