Во средата во кабаре во центарот на Охрид бил нападнат полицаец при обид да расчисти тепачка помеѓу момчиња. Морал да употреби пендрек за да се спаси од нападот. Полицијата без поголем авторитет била третирана и за време на вчерашниот инцидент во студенсткиот дом „Никола Карев“ каде се оджувала забава. При обид на полицијата да приведе дел од инволвираните во тепачката што избила помеѓу браќа роми од Белград и локални жители заради недоразбирање околу музиката, двајца униформирани службеници биле нападнати, а оштетено е и едно полициско возило. Нарушување на јавниот ред и мир имало и на бајрамската забава во дискотеката „Парк“, но полицијата официјално не соопшти детали за тепачката во која неофицијално учествувале дваесетина млади од Ресен и Охрид.
Забелешки кон охридската полиција упати и семејството на белграѓанецот Дејан Новаковиќ, кој смртно настрада во тепачката што неодамна се случи во центарот на Охрид. Братот на Дејан кажа дека за него е несфатливо зошто ја немало полицијата на местото каде се случил немилиот настан.
По серијата инциденти во кои потфрлаат безбедносните структури во Охрид загриженост изразуваат и охриѓани, а локалната власт одговорноста за тоа ја лоцира токму во полицијата. За безбедносната ситуација во градот на вонредна седница на 13-ти септември ќе расправа Советот на општина Охрид.
За безбедноста дискутираа и учесниците на меѓународната конференција за туризам што се одржува во Охрид. Експертите сметаат дека инцидентите што се случија на охридската ривиера на крајот од главната туристичка сезона се изолирани случаи, какви што има секаде во светот, и тие не смеат да бидат репер за безбедносната состојба во најголемиот туристички центар во Македонија. Сепак, научните работници предупредуваат дека безбедносните инциденти, без оглед на нивната природа, имаат последици врз туризмот. Тие укажуваат дека е потребно надлежните институции и туристичките работници заедно со централната и локалната власт да работат повеќе на организациската подготвеност и создавање на безбедносна култура во Охрид, затоа што сигурноста е еден од главните елементи на кој туристите обраќаат внимание пред да се одлучат за патување.