По сторијата што ја објави OhridNews вчера, за државната првенка по математика, 17-годишната охриѓанка Сања Симоновиќ, која се соочува со проблем да отпатува на интернационалните натпревари по математика поради немање финансиски средства, до нашата редакција пристигна допис од нашинка која работи и живее во Азија. Таа изрази подготвеност да помогне околу настапот на младата Сања на светската олимпијада по математика што треба да се одржи во Чијан Мај, Тајланд.
Сторија за Сања вчера емитуваше и националната телевизија „Телма“, која ја пренесоа и повеќе портали, а „+info“ објави дека нашинец од Швајцарија изразил подготвеност да ги покрие патните трошоци на Сања за настап на меѓународните натпревари по математика.
Приказната за Сања Симоновиќ ја актуелизираше и регионалната телевизија Тв М.
Сања Симоновиќ е ученичка во трета година и стипендист на приватната гимназија „Јахја Кемал“. Таа е победник на општинскиот, регионалниот и државниот натпревар по математика и националната олимпијада, но поради недостиг на финансиски средства може да ги пропушти претстојните меѓународни натпревари за кои се квалификувала. Сања, инаку првенец на генерација, е единствен ученик од Македонија кој оваа година обезбеди учество на најзначајните интернационални натпреватри по математика, балканската, европската и светската Олимпијада, кои ќе се одржат во Атина – Грција, односно во Минск – Белорусија и во Чијан Мај на далечниот Тајланд.
– Патните трошоци за да се отпатува на местата каде ќе се одржуваат овие олимпијади се прилично големи и моето семејство не може да ги плати. Затоа би сакала да апелирам до институциите во вид на спонзорство да помогнат.-изјави за OhridNews Симоновиќ.
Успесите на Сања Симоновиќ
За настап на овој и другите интернационалните натпревари на Сања и се потребни околу 2000 евра за патни трошоци. Барање за поддршка било упатено до Министерството за образование и наука – МОН, други надлежни институции, како и до бројни компании, но собирањето на потребните средства, оди тешко.
– Добивме повратен одговор од МОН дека не се предвидени пари за вакви трошоци, исто така сме одбиени од некои други институции. – вели младата ученичка.
Првиот од трите натпревари на Сања и претстои за неколку дена. Како дел од од четиричлената македонска репрезентација селектирана од Сојузот на математичари, таа треба да земе учество на Европската олимпијада за ученички во Белорусија.
Иако постои неизвесност околу патувањата, Сања сериозно се подготовува за претстојните натпревари, a по позитивните одеци во јавноста на медиумската сторија за охридскиот математички гениј и најавата за финансиска поддршка од добри луѓе, нејзиниот сон да настапи на интернационалните олимпијади и да ги одмери знаењата со најдобрите млади математичари на планетата, најверојатно ќе се оствари.
Горан Момироски