Како ескалира пандемијата предизвикана од коронавирусот Covid 19, така се зголемуваат проблемите на македонските државјани затекнати во разни држави низ светот. Нашинец, кој заради заштита на идентитетот инсистираше на анонимност,  со туристичка виза престојувал во САД, од каде требало да се врати на 25 март. Но со ширењето на коронавирусот, САД со една од првите мерки ги запреа сите летови кон и од Европа, поради што тој сега е заглавен во Калифорнија.

Во Калифорнија, САД, сум со туристичка виза. Требаше да летам на 25-ти март, на 26-ти да слетам Скопје. Поради ситуацијава,  Владата ги затвори сите граници и аеродроми, а воедно компанијата со која требаше да патувам назад во Македонија, ги откажа сите летови. Се обратив во македонската Амбасада во Чикаго и до МНР, каде ми рекоа: „нема што да ти правиме, ситуацијава е таква, седи кај што си“. До кога? Не знаат ни самите. Средствата за до крајот на патувањево се тие, што после? Да умреме за јадење? – прашува заглавениот нашинец во САД.

Аеродромот во Лос Анџелес

Како туристи немаме никакви права, ни здравствено осигурување, ниту можеме да работиме нешто за да ја преживееме кризава, а згора на тоа пред неколку дена затворија речиси се овде и Американциве, не работат, сите се по дома, раскажува нашиот соговорник. Истакнува дека коронавирусот зема замав и во САД, а од пред два дена Калифорнија воведе големи рестрикции за движење, строго само до аптека или маркети, во кои и нема нешто многу да де купи, затоа што се испразнети.

Апелирам до Владата, до надлежните министерства, до Амбасадата, нешто да се преземе во врска со случаите како мојов, а воедно неупатената јавност да престане да ги критикува и плука Македонците што се враќаат во Македонија, затоа што сум убеден дека 99% се случаи како мене, „морат да се вратет дома!“ Не верувам дека се враќаат иселеници со регулирани документи и домови по светов. Почнав деновиве да се чувствувам загрозено од многу аспекти, затоа што матичната држава крева раце од своите граѓани по светов. Ситуацијава е алармантна! – вели охриѓанец заглавен во САД.

Владата на вчера одржаната седница донесе одлука за организирање на хуманитарни чартер летови со кои сите македонски државјани заглавени на терминалите од аеродрмоте и во државите од ЕУ ќе бидат вратени дома, но  засега нема повеќе информации што ќе биде со нашинците заглавени во држави надвор од Европа. Лицата, пак, кој ќе се евакуираат, кога ќе се вратат задолжително треба да прифатат да поминат соодветен број денови во карантин, заради нивна заштита и заштита на целото население.

Г.М.