Деца на училишна возраст од заедниците на Македонците од Италија, Србија, Бугарија, Грција и Албанија учествуваат на четвртиот летен камп „Ја сакам Македонија“.
Кампот кој е наменет за деца кои го изучуваат македнскиот јазик и култура од соседството и од дијаспората, денеска, го посети министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој истакна дека ова е еден од најзначајните национални проекти.
– Македонија е толку витална колку што е витален македонскиот јазик, не само во Република Македонија, туку особено од страна на оние кои живеат надвор од неа. Затоа и вложуваме толку енергија и е значајно овој проект да го развиваме во иднина.- истакна Попоски.
Министерот Попоски одржа предавање пред учесниците на кампот, на кои им додели благодарници и книги.
Учесниците на кампот се задоволни што имаат мпожност да го учат македонскиот јазик, нашата историја и култура.
-Одлично го поминувам летниот распуст и се едуцирам.-вели учесник од Мала Преспа, Албанија.
-Тука е многу убаво. Учиме македонски јазик, граматика, како и за нашата историја и географија.– истакна учесник по потекло од Лерин, Грција.
-Учиме и се рекреираме. Имам желба следниот пат пак да ме поканат.- рече друг учесник по потекло од Лерин, Грција.
Досега на летниот капм кој традиционално се одржува во Охрид во организација на Министерството за надворешни работи, учествувале неколку стотини деца. Државата размислува овој проект да го прошири со зимски камп, но и со вклучување на камп за средношколци кои би го изучувале или усовршувале македонскиот јазик.
Г.М.