Пишува: д-р Кристина Митреска
Херпес зостер е вирусна инфекција предизвикана од вирусот Varicela Zoster кој останал во параспиналните ганглии по прележана варичела (овчи или големи сипаници).
По јавувањето на херпес зостер не е вообичаено неговото повторно јавување. Не е потполно разјаснето кои фактори доведуваат до реактивација на вирусот од состојба на мирување. Она што е сигурно е дека ослабен имунолошки систем може да предизвика размножување на вирусот кој понатаму се шири по должината на нервот кој инервира еден дерматом (една регија од телото инервирана од еден нерв). Болест, траума и стрес исто така можат да бидат тригер фактор за реактивација на вирусот.
Први симптоми на Херпес зостер можат да бидат пецкање, жарење или печење на еден дел од кожата, на една половина од телото. Најтипичен симптом е локална болка која се јавува неколку дена пред појавата на кожните промени. Потоа се јавуват линеарно распоредени везикули и були, ограничени на едната страна од средната линија на телото, со најчеста локализација на трупот или лицето, а поретко на екстремитетите.
Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика и анамнезата на пациентот за симптомите и знаците и дерматолошки преглед. Најидеално би било дијагнозата да се постави во раниот стадиум. Се третира со антивирусни лекови и тоа кај имуносупримирани пациенти, кај локализација на промените во тригеминалната регија и ако пациентот е над 60 години. Другите пациенти се третираат со антивирусна терапија ако е клиничката слика тешка и ако не поминале повеќе од три дена од појавувањето на кожните промени.
Доколку антивирусната терапија се започне рано во раната фаза на заболувањето го скратува траењето на болеста, го скратува ширењето на кожните промени, го забрзува заздравувањето на кожата, ја редуцира потребата од аналгетици, ја намалува и ја олеснува акутната болка, а може и да ја намали постхерпетичната невралгија која е компликација на зостерот (болка која перзистира по должината на нервот и по заздравување на кожните промени).
Покрај антивирусната терапија многу битно е пациентот да се обезболи, за тоа најчесто се употребуваат аналгетици, а докажана е и употребата на трициклични антидепресиви за намалување на болката и постхерпетичната невралгија. Доколку кожните промени не се локализирани на еден или два дерматоми од една страна на телото, тогаш причината може да биде примарна инфекција со херпес симплекс, а не реактивација на вирусот варичела зостер.
Пациент со херпес зостер е заразен за време на везикулозната фаза. За превенција на зостер постои вакцина која го намалува ризикот од зостер и постхерпетична невралгија кај пациенти над 50-годишна возраст. Секогаш кога пациентот има херпес зостер треба да се запрашаме зошто имуниот систем ослабнал и да ја најдеме и да ја третираме
Извор: „Наше Здравје“