Пишува: д-р Кристина Митреска

Употребата на витамини и минерали безброј пати била топ тема во многубројни разговори и списанија. Нивната употреба е оправдана, но постојат суплементи на кои не им е посветено доволно внимание, а кои имаат подеднаква важност за функционирање на најсовршеното нешто на планетата – нашето тело.

Станува збор за полинезаситените масни киселини EPA/DHA. Нивните полни имиња се навистина комплицирани, па доволно е да се запомнат под овие скратеници и да ги препознаете на продуктите кои во иднина ќе ги употребувате. Овие масни киселини се есенцијални, што значи дека нашето тело не може само да ги произведе и затоа мора да ги внесуваме преку исхраната.

DHA е есенцијална масна киселина која се наоѓа во рибата – туна, лосос, сардина, скуша и други, во морските плодови и алгите. Оваа масна киселина е многу важна за раст и развој на децата, за правилен развој на централниот нервен систем и мрежницата од окото во пренаталниот период, па затоа бремените жени треба задолжително да ја употребуваат во исхраната. Покрај децата и трудниците, старите лица исто така треба да ја употребуваат затоа што штити од деменција.

EPA е есенцијална масна киселина која исто така се наоѓа во рибата, морските плодови и алгите и делува како прекурзор на простагландин 3, кој ја инхибира агрегацијата на тромбоцитите, а од тука произлегува антитромботичното дејство на оваа масна киселина.

Оваа масна киселина е многу значајна за намалување на инфламацијата во телото. Се смета дека може да биде корисна и во третманот на одредени ментални заболувања како шизофренија. Моќна е во зачувување на когнитивните (мисловните) процеси, како и во регулирање на одговорот на организмот на стрес.

Снабдувањето на организмот со овие полинезаситени масни киселини може да биде превенција за цела низа хронични болести. Овие масни киселини учевствуваат во регулација и намалување на триглицеридите и холестеролот во крвта покрај стандардната терапија за регулирање на мастите во крвта, помагаат и за намалување на крвниот притисок покрај основната антихипертензивна терапија, придонесуваат за нормално функционирање на срцето и крвните садови.

Во исхраната на вегетаријанците и веганите најзастапена е ALA есенцијалната масна киселина која се добива од лененото семе, сојата и јаткастото овошје. ALA масната кисeлина во недоволни количини се претвора во организмот во EPA и DHA, па затоа луѓето со овој начин на исхрана често имаат пониски вредности на EPA и DHA масни киселини. Знаејќи дека не секој е љубител на риба или морски плодови, овие масни киселини се изолирани и обработени, и за нас достапни како рибино масло на кое му е модифициран вкусот заради подобра подносливост и капсули. Нивната секојдневна употреба особено во периодот кој претстои ќе придонесе за подобар имунитет и полесно справување со настинките, вирусите и другите заболувања.

OhridNews
Текстот е објавен во летното издание на магазинот „Наше Здравје“
на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм“