Од Охрид на американскиот пазар со години успешно работи компанијата „Слајс“ (Slice), отварајќи можности за младите квалитетни кадри да изградат светска кариера во татковината. Бројот на вработени во „Слајс“ во канцеларите кои, покрај во Охрид, ги има и во Дебар и Скопје, а надвор од земјата во Белфаст и Њујорк, од година во година се зголемува. Компанијата најавува нови проекти и иновации во работењето следниот период, како и зголемување на бројот на вработени во главната канцеларија во Охрид. Ова во новото издание на емисијата “Напладне” го истакна Андријана Тасевска, директор на човечки ресурси во „Slice“. Со неа разговаравме за почетоците, работењето и идните планови на компанијата која наскоро треба да се најде и на берзата во САД.

Приказната на „Slice“ е романтична. Се почнува кога Илир Села кој е роден во Дебар, а живее веќе долго време во Њујорк, му помага на своето семејство кое има мал пица ресторан во Америка, да креира веб страна за да им овозможи да бидат присутни на интернет. Тоа потоа прераснува во платформа која сега опслужува околу 19 000 пицерии во Америка. Сето тоа е постигнато за период од 12 години. – вели Тасевска.

 

Првата канцеларија „Slice“ ја отвора во Дебар, а втората во Охрид, по што следи ширењето во Скопје и надвор од земјата. Компанијата сега вработува околу 600 луѓе во Македонија. Средната возраст на вработените е 29 години.

Мислат дека правиме пица која потоа ја праќаме во Америка. Тоа е една од интерните шеги кои си ги кажуваме. Ние сме апликација преку телефон преку која може да се нарачува пица, исклучиво за американскиот пазар. Ние им овозможуваме на младите луѓе вработени кај нас да созреат во работата и да изградат светска кариера. Што се однесува до клиентите, има многу позадински процеси кои ние ги овозможуваме за да изгледа се така како што изгледа на нашата апликација. Се грижиме за нарачки, наплата, достава, нивно присуство на „Google“, креираме специфични веб страни и, се разбира, тука е тимот за компјутерски инженеринг кој го овозможува се ова.  – посочува Тасевска.

Во зависност од одделот за работа, се бараат различен тип работници, додава Тасевска.

Нашата веб страна е полна со информации за кариера и профилот на работна сила која ни е потребен. Секогаш може да не исконтактираат за дополнителни информации. Она што треба да се знае е дека ние не нудиме сезонска работа, туку постојана, сериозна работа. Би требало секој да сака кариерата во „Slice“ да му биде минимум 10 години. Може да понудиме можности за луѓе кои никогаш не биле никаде вработени, треба да бидат само полни со самодоверба и англискиот да им биде на прифатливо ниво. – објаснува Тасевска.

Компанијата соработува со пица ресторани во САД овозможувајќи им исклучителни бенефиции преку иновативната платформа на „Slice“. Потврда на тоа се нивните искуства со „Slice“, според кои, за само една година тие успеваат да го дуплираат бизнисот. Во Ковид кризата кога многу бизниси стагнираа, „Слајс“ доживеа голем раст и го зголеми работењето за 1000 пати. Се очекува за две години компанијата да излезе на берза.

Овој сектор има перспектива и за негово опслужување не се потребни само програмери, напротив, некој треба да ги продава производите, да прави аналитика, такашто потребен е разноврсен кадар. Им порачувам на младите да бидат проактивни, затоа што ние излегуваме и кажуваме, но понекогаш треба да си ги најдат вратите, отворени сме, особено во Охрид каде во наредниот период ќе вработуваме по десеттина лица месечно. – истакна Тасевска.

Како компанијата „Slice“ од Охрид го освојува пазарот во САД

Г.М./А.М.
Видео: К.С.