Во организација на учениците и наставниците од ОУ „Кочо Рацин“ од Охрид, вчера во салата во село Долно Лакочереј се одржа училишниот настан „Наш Драмски Фестивал“. Во рамки на фестивалот беа изведени две драмски проекции кои тематски одговараат на проектот за Меѓуетничка интеграција во образованието.

-Идејата да се направи еден ваков фестивал се роди од самата потреба да се изведат драмите кои ние како наставници ги подготвуваме за најразлични пригоди. И учесниците и публиката беа од нашето училиште, што всушност значеше самостојна активност во рамките на проектот МИО, појасни наставничката Наташа Неданоска, која воедно била и ментор на драмата „Соживот“ во која било прикажано заедништво и соживот помеѓу ромското население и македонците.

-Оваа драма ја составивме со учениците уште лани. Во исчекување за збратимување со етнички-чисто училиште, досега не ја изведовме. Но, овој период се покажа како најповолен да се прикаже на сцена, како една самостојна активност. Задоволна сум од тоа као децата се соживеаја со улогите и како тоа го пренесоа на своите врсници, изјави Неданоска.

Во рамки на фестивалот била изведена и драмата „Новогодишна и Божиќна ноќ“ под менторство на одделенскиот наставник Љубица Чифлигароска, во која главна тема била почитта помеѓу националните групи бошњаци и македонци, кои заеднички си помагаат во нивните  потреби и заеднички сакаат да живеат исполнети со почит и љубов.

-Оваа драма е мое авторско дело и лично се гордеам со неа. Учениците ја одиграа онака како што имав замислено и затоа сум им благодарна и задоволна со нив, изјави Чифлигароска.

Од училиштето се надеваат дека овој фестивал ќе стане традиционален и дека ќе се одржува секоја година во овој период од  годината.

OhridNews