Првиот човек на Американската вселенска агенција(НАСА) Чарлс Болден изјави дека единствен начин за справување со астероидите што се движат кон Земјата, е да се молиме, пренеува „Макфакс“.
„Тоа е сè што САД, а и остатокот од светот, имаат на располагање против астероидите и кометите кои би можеле да удрат во Земјата“, рече Болден говорејќи пред членовите на Одборот за наука во Претставничкиот дом на САД.
Астероид со дијаметар од 17 метри на 15 февруари експлодираше над Чељабинск во Русија, а од ударниот бран испукаа стаклата на зградите, оштетени се некои градби, а на разни начини повредени се околу 1.500 лица.
„Овие настани се доказ дека живееме во активен сончев систем во кој низ нашето соседство потенцијално опасни објекти минуваат со изненадувачка фреквенција“, изјави демократската застапничка Еди Бернис Џонсон.
НАСА следи околу 95 отсто од најголемите вселенски тела, со големина од километар во дијаметар и повеќе, кои треба да поминат покрај Земјата. Астероид со толкава големина, доколку ја погоди Земјата, ќе ја уништи цивилизацијата.
Но, досега се откриени само десет отсто од околу 10.000 потенцијални помали астероиди со големина од околу 50 метри во дијаметар и наречени „убијци на градови“, вели советникот за наука на Белата куќа, Џон Холдрен.
„Според достапните информации, не знаеме за некој астероид што е закана за населението на САД…Но, ако го откриеме и утврдиме дека ќе нè удри за три недели – можеме да почнеме да се молиме“, рече Болден од НАСА.
Освен што развива нови методи на надзор на вселенските тела и склучува меѓународни партнерства, НАСА има намера да развие технологија за пренасочување на таквите вселенски објекти кои би можеле да удрат во Земјата.
„Шансите некаков објект да удри во Земјата и да предизвика масовни жртви и големи штети врз инфраструктурата се многу мали, но потенцијалните последици од таквиот настан се толку големи што се исплаќа сериозно да се разгледа ризикот“, оцени Холдрен.
извор:„Макфакс“