Американската агенција за вселенски истражувања NASA објави дека на 8-ми септември ќе го лансира леталото OSIRIS-Rex, кое по две години би требало да слета на опасниот 500 метарски астероид 101955 Bennu, пренесува „Макфакс“.

 

Големото тело, откриено во 1999 година, спаѓа во класата на вселенски објекти познати како NEO (Near Earth Objects – тела што поминуваат блиску до Земјата) и е трето по ред на листата на индексот на ризици позната како ‘Palermo Technical Impact Hazard Scale’. Блиску до Земјата поминува секои шест години, а во 2135 година ќе помине поблиску од орбитата на Месечината.

„Во таа 2135 година пролетот ќе го промени движењето на Bennu заради што постои опасност подоцна истиот век тој да тргне кон Земјата“, рече за Sunday Times, Данте Лорета, водач на истражувачката мисија OSIRIS-REx.

Но, НАСА проценува дека веројатноста дека Bennu ќе удри во Земјата некаде меѓу 2175 и 2196 година сепак е релативно мала, околу 1:2.700.

Ако, сепак удри, ќе ослободи голема енергија, 60 пати поголема од онаа што ја имаше хидрогенската бомба Car, најмоќното нуклеарно оружје што било кога е детонирано(Car ослободи енергија од околу 50 мегатони, односно 1.570 пати повеќе од бомбите што беа фрлени врз Хирошима и Нагасаки заедно, или 10 пати повеќе од сите конвенционални експлозиви употребени во Втората светска војна).

Таквата експлозија би можела да има катастрофални глобални последици. Експертите веруваат дека луѓето до средината на следниот век ќе развијат технологија со која ќе можат да ја отстранат оваа закана.

Во оваа историска мисија НАСА ќе се обиде да собере примероци кои се многу интересни од две причини, прво да дадат одговор за времето на постанокот на Сончевиот систем, како и да се најдат органски молекули од кои би можело да се дознае нешто повеќе за нивната можна улога во основањето на животот на Земјата.

Примероците на Земјата би требало да се вратат во 2023 година. Ако сѐ помине како што треба, тоа ќе биде најголема количина на материјал(до 400 грама) која било кога била собрана од астероидите.

OhridNews
извор: „Макфакс“