Катаклизмичен судар на нашата галаксија Млечниот пат и соседната Андромеда не може да се избегне, но ќе се случи дури за четири милиони години, објави во четвртокот американската агенција за вселенски истражувања NASA, пренесува „Макфакс“.

„Нашиот модел статистички одговара на директен судар на Андромеда и Млечниот пат“, изјави на прес-конференција Роеланд ван дер Марел, астрофизичар од Space Telescope Science Institute во Балтимор.

Овој заклучок доаѓа како резултат на мерењето на брзината и насоката на траекторијата на галаксијата Андромеда, сложена постапка спроведена благодарејќи на вселенскиот телескоп Хабл.

Андромеда која се означува и како M31, во моментов е оддалечена 2,5 милиони светлосни години (една светлосна години изнесува 9,460 милијарди километри) од Млечниот пат, но незапирливо му се приближува. Тоа привлекување е последица од силите на гравитацијата и темната материја којашто ги опкружува.

„По речиси цел век нагаѓања во научната заедница за судбината на Андромеда и на неа соседниот Млечен пат, најпосле имаме јасна претстава за текот на тие настани во Вселената во идните милијарда години“, изјави Сангмо Тони Сохн од институтот Space Telescope Science Institute, пренесува AFP.

Иако Андромеда ѝ се приближува на нашата галаксија две илјади пати побрзо, ќе ѝ бидат потребни четири милијарди години за да се судри со Млечниот пат. Освен тоа, ќе бидат потребни уште две милијарди години двете галаксии потполно да се спојат.

Од нив ќе се формира една галаксија со елиптичен облик, кој е повообичаен во вселенското пространство околу нас, објаснуваат астрономите, Сонцето во новата галаксија ќе биде изместено, но на Земјата и нашиот Сончев систем не им се заканува уништување, тврдат научниците.

OhridNews
извор: „Макфакс“