Податоците добиени од соларните опсерватории на НАСА, покажуваат дека Сонцето е многу блиску до точката во која неговото магнетно поле „ќе се преврти”, односно ќе се случи промена на поларитетот на спротивното поле, што се случува секогаш кога доаѓа на врвот од својот 11-годишен циклус на активности, се вели во соопштението на американската агенција за вселенски истражувања, пренесува „Макфакс“.

„Се чини, ни преостанаа не повеќе од три или четири месеци до целосната инверзија на полето. Оваа промена ќе предизвика доминоефект во целиот Сончев систем”, вели експертот по соларна физија Тод Хоксема од Универзитетот Стенфорд.

Соларната активност подлежи на 11-годишна активност, во периодот на максимумот на активностите на Сонцето значително повеќе и почесто се јавуваат жаришта, се појавуваат „коронарни дупки”, области со зголемена брзина на соларниот ветер, како и емисиите на плазма, кои предизвикуваат магнетни бури на Земјата. При кулминацијата на соларната активност, обично се случува пресврт на соларните магнетни полиња – северниот и јужниот магнетен пол си ги заменуваат местата како резултат на процесот на преструктуирање во сончевото динамо.

„Поларното сончево магнетно поле ослабува, се намалува до нулата, а потоа повторно се појавува, но веќе со обратен поларитет – тоа е нормален елемент на соларниот циклус”, додава Фил Шерер од Стенфорд.

Во моментов податоците од соларните опсерватории покажуваат дека хемисферите на Сонцето се движат кон тој „прекинувач” не синхронизирано, северниот пол веќе пројавува знаци на подготвеност, а јужниот пол фаќа чекор со него. „Наскоро, сепак, тие двата ќе го променат поларитетот и ќе започне втората половина од 24-от соларен циклус”, заклучува Шерер.

OhridNews
извор:„Макфакс“