Американската вселенска агенција лансира сонда на астероидот Бену, за кој астрономите велат дека би можел да претставува идна закана за Земјата. Сондата беше лансирана вчера, во 23.05 часот по ГМТ од космодромот во Кејп Канаверал, соопшти НАСА.
Ова е првата американска мисија што ќе земе примерок од астероидот. Астероидот чиј дијаметар е поголем од висината на Емпајер Стејт билдинг, е откриен во 1999 година и било утврдено дека постои можност да помине премногу блиску до Земјата во 22 век. Иако ризикот за Земјата е многу мал, НАСА и натаму го смета за еден од најопасните познати астероиди.
Сондата ќе дојде до астероидот Бену во август 2018 година, а во 2020 година ќе му се доближи доволно блиску за да собере примероци со помош на роботска рака. Се очекува сондата да се врати на Земјата во 2023 година.
Освен што ќе даде повеќе податоци за астероидите што би можеле да удрат во Земјата, оваа мисија ќе им помогне на научниците да ја истражат еволуцијата на Сончевиот систем и историјата на Бену во последните 4,5 милијарди години, наведува НАСА.
OhridNews
извор Макфакс