На прес конференција во четврток, НАСА (Американска агенција за вселенски истражувања) ќе ги открие деталите за пронаоѓањето на докази за постоење на живот надвор од планетата Земја, јавува „Макфакс“.
 
Конференцијата за новинари ќе се одржи во зградата на НАСА во Вашингтон, а директно ќе се емитува на нејзината телевизија. До тогаш НАСА деталите ги чува во најстрога тајност.
 
Научниците на Агенцијата единствено објавија дека се работи за „астробиолошки откритија кои  ќе влијаат во потрагата по доказите дека во вселената постои живот“. Се претпоставува дека НАСА базирајќи се на податоците кои ги собра сондата „Касини“, официјално ќе потврди дека се пронајдени докази дека постои живот на една од месечините на Сатурн.
 
Титан е најголемата од 63-те месечини на Сатурн и за неа од порано постојат теории дека таму животот е можен, иако температурата на површината изнесува минус 180 Целзиусови степени. Друга теорија вели дека живот е можен на месечината Реа, во чија атмосфера е пронајден кислород.
 
Пред неколку месеци сондата „Касини“ на една од месечините на Сатурн наречена Енцеладус пронајде докази дека под површината има вода во течен облик.

OhridNews
извор„Макфакс“