Народниот театар Охрид го објави репертоарот за месец ноември. Охриѓани ќе можат да погледнат три претстави.
Утре, 5-ти ноември, со почеток во 20.00 часот ќе биде изведена хит претставата „Секс, лаги и љубомора“ на Марк Камолети во режија на Коле Ангеловски. Улогите ги толкуваат актерите: Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Билјана Билаловиќ- Вељаноска, Адријана Билаловиќ-Тодороска, Елизабета Стефановска-Јандреовска и Марија Новак. Шминка и фризура: Студио Арс Нова.
Картите по цена од 300 денари може да се набават на билетарата при Центарот за култура работи секој работен ден од 10.00-17.00 часот и 13:00-20:00 часот на денот на изведба на претставата.
На 9-ти ноевмри закажана е претставата „Кумови“ од Душан Ковачевиќ во режијата на Билге Емин. Во претставата играат Адријана Билаловиќ Тодороска, Никола Тодороски, Елизабета Стефановска Јандреовска, Стрезо Стаматовски и Ивица Цонев. Преводот и драматургијата е на Кристина Тодороска Петреска, за сценографијата е задолжена Татјана Христоска Бажевска, а за костимографијата Марија Пупуческа. Претставата започнува во 20.00 часот, а ќе биде изведена на малата сцена.
Актерите Стрезо Стаматовски, Филип Кипровски и Никола Тодороски, потпомогнати од Филип Ангеличин – Жура и Никола Јосифоски ќе го реализираат комичното шоу „Импровокација“ на 17 ноември, со почеток во 20 часот.
Повторно изведба месецов на претставата „Секс, лаги и љубомора“ е закажана на 29 ноември.
Н.С.Ј.