Царинската управа на Република Македонија од денеска воведува нова услуга, усна царинска декларација. Ваква декларација може да се поднесе за мали пратки нарачани преку интернет, испратени по регуларна или брза пошта од странско на домашно физичко лице во вредност до 800 евра и тешки до 1.000 кг. 

„Оваа можност граѓаните можат да ја искористат веднаш откако операторот, односно превозникот ќе го извести примачот дека е пристигната пратка на негово име и дека треба да се спроведе царинска постапка. Примачот треба се изјасни дека тој самиот сака да поднесе усна царинска декларација кај царинскиот орган. Пред царинење, царинскиот службеник ќе утврди дали декларираната стока може да се оцарини со усна царинска декларација и доколку може ќе пристапи кон царинење на истата, врз основа на приложена фактура или сметка. 

Поднесувањето на усна царинска декларација не значи ослободување од плаќање на царински и други давачки. Со поднесување на усна царинска декларација се избегнуваат шпедитерските трошоци кои ги пресметуваат т.н брзи пошти за поднесување на царинска декларација во писмена форма, но ваквите (брзи) пратки подлежат на плаќање давачки пропишани во царинската тарифа.“ – соопшти Царинската управа. 

За стока од некомерцијална природа што ја добиваат физички лица по регуларна пошта и чијашто вредност е поголема од законски утврдената вредност за ослободување се применува единствена царинска стапка од 15% од царинската вредност. Исклучок се пратки кои содржат тутун и алкохол. За нив се применуваат давачки пропишани во царинската тарифа. Пресметката на давачките ќњ се врши во скратена постапка врз основа на приложена фактура или сметка. 

Со цел појаснување на новата услуга, Царинската управа денеска започна медиумска кампања, а испечатена е и соодветна брошура.

OhridNews